Да се фокусираме на развој без поделби

од Vladimir Zorba
97 прегледи

Да се фокусираме на она што го нуди ВМРО-ДПМНЕ, на економски развој, суверена држава, самостојна, независна, унитарна, без кантони, на држава со соживот, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на вчерашниот митинг на Коалицијата „За подобра Македонија“ во Штип. 133467371-91207

Најави нови капитални проекти во сите сфери и за сите граѓани, без каква било поделба по етничка основа.

– Сакаме заеднички да одиме на пред, заеднички да ги решаваме проблемите, да ја подобруваме економијата, да се отвораат нови работни места за сите граѓани на Македонија, и за Македонците, и за Албанците и за Турците, и за Ромите, и за Бошњаците, и за Власите и за Србите,…, рече Груевски.

Осврнувајќи се на изборната програма најави зголемување на платите во јавниот сектор и на пензиите за најмалку 10,25 проценти, раст на минималната плата до крајот на 2020 на износ од 14.000 денари, а во кожарската и текстилната 13.000 денари, земјоделски советници, 140 нови градинки, субвенции за греење на пелети, мерки за поддршка на стопанството…

Од сработеното во Штип ги истакна ТИРЗ во која се изградени три фабрики, намалената невработеност за 52 процента во изминатите десет години, Државниот универзитет „Гоце Делчев“, доделените 15 милиони евра субвенции за земјоделците.  Набавена  е и нова опрема за клиничката болница, а почна и изградбата на новата клиничка болница. Реконструирани се пет училишни спортски сали, а повеќе од 5.500 пензиоенри од Штип ги искористиле бенефициите од проектот бесплатна бања за пензионерите. Изграден е и новиот музеј на ВМРО во штипско Ново Село.

Веќе се реализира, нагласи, и изградба на автопатот Штип-Скопје инвестиција вредна 206 милони евра која треба да заврши следната година. – Прво ќе го довршиме автопатот Скопје-Штип, шест ленти, три во еден, три во друг правец, 47 километри,  со седум клучки со десет мостови, осум надвозници и пет подвозници… Во Штип ќе се догради и веќе се гради новата Клиничка болница која ќе биде и регионален центар, ќе покрива над 200 илјади жители од Штип и од целиот источен и југоисточен регион на Македонија. Изградбата е од 37 милони евра за штипската болница, со најсовремена медицинска опрема, рече Груевски.

Ќе се доврши, додаде, и изградбата на експресниот пат Велес-Штип во должина од 26 километри и вредност од околу 15 милони евра. Ќе изградиме и два експресни патишта со четири ленти од Штип кон Радовиш и од Штип кон Кочани, а Штип ќе добие и секундарна гасоводна мрежа во 2018 година

Илија Димовски, носител на пратеничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ во ИЕ3 Илија Димовски рече ВМРО-ДПМНЕ ја исправила историската неправда спрема источна Македонија со изградба на автопат, клиничка болница, државен универзитет.