Министерот за финансии во заминување Кирил Миноски, ќе му остави во наследство на Драган Тевдовски од СДСМ тим од ММФ и Светската банка кои ќе му кажуваат колку да се задолжува и како да управува со јавниот долг но и обврска за издавање на нова еврообврзница. Министерот во заминување тврди дека пари во Буџетот има.
„Ние се обидовме да направиме доста во делот на таа фискална консолидација, како и во делот со управување со јавниот долг. Споменав дека инициран е еден проект со тим на Светска банка и ММФ, а целта е да се подобрат капацитетите на министерствата и на соодветен начин се управува со јвниот долг“, рече Миноски.
Миноски демантираше дека забрзано се исплаќаат налозите кои доспеваат до државниот трезор, со цел новата влада да наследи празна каса.
„Налозите се исплаќаат со вообичаена динамика“, рече Миноски.
Тој вели дека ланската еврообврзница не е потрошена, додевајќи дека дел од парите може да се трошат и годинава. Но, не одговри конкретно дали со останатите 140 милиони евра од ова задолжување се исплаќаат субвенциите и се врши раздолжувањето кон стопанството. Вели дека со исплаќањето на парите за земјоделските субвенции покажале дека има пари во државната каса.
„ До петокот беа исплатени околу 32 милиони евра. Треба да ги видам податоците од вчера и од денеска за да можам да ви дадам дополнителни информации“, изјави министерот во заминување, Кирил Миноски.
Иако Миноски се пофали со резултати, дел од експертите и поранешни министри за финанси велат дека новата Влада ќе мора да направи итен Ребаланс на Буџетот со што ќе се овозможи да се скратат сите непродуктивни трошци, а најверојатно ќе мора да се задолжи и дома и во странство затоа што според нив, државната каса е во длабок минус.