Принцот Хари откри дека пред некое време сакал да го напушти кралското семејство, пишува британскиот весник The Mail on Sunday, неколку дена откако принцот навести во друго интервју, дека ниту еден член на кралското семејство не сака да се искачи на престолот.
“Почувствував дека сакам да го напуштам”, изјави Хари, мислејќи на годините, откако ја напуштил армијата. Тој го опиша незадоволството дека требало да ја напушти армијата, додека бил во Авганистан во 2007 година, бидејќи медиумите објавиле детали за неговата локација.
“Во армијата не бев принц, туку едноставно Хари”, појасни тој. 32-годишниот член на кралското семејство одлучил да продолжи да ги извршува кралските должности, за да биде лојален на својата баба, кралицата Елизабета Втора.
Што се однесува до иднината на британската монархија, со оглед на тоа дека Елизабета Втора има 91 година и дека неговиот татко, принцот Чарлс е прв по ред во наследувањето на престолот, Хари е на мислење дека ќе има промени и притисок, за да се донесат правилни одлуки.