LG пријавиле интересен патент во Светската организација за интелектуална сопственост (WIPO). Според објавените скици, јасно е дека Корејците размислуваат за преклопен паметен телефон со три дисплеи. Уредот содржи три компоненти кои може да се преклопат како лист.
Самиот патент содржи три конфигурации на уредот. Во еден од нив, главниот екран е во средината на уредот и е опремен со хардверско копче. Исто така постои и проширена верзија каде што сите три екрани се активни и едни до други.
Постои можност дека главниот екран може да работи независно без другите два и сите три да се комбинираат во еден голем екран.
Во принцип, патентираниот уред изгледа како концепт на веќе пуштениот ZTE Axon M, кој има само два екрани.
Секако треба да се напомене дека барањето за патентот е направено уште во далечната 2014 година, а дури сега е објавен на веб страницата на Заводот за патенти, па нејзиното присуство воопшто не значи дека LG реално работат на сличен производ во моментов.