Општина Центар поништи одобрение за градење катна гаража во строгиот центар на градот

од Vladimir Zorba
340 прегледи

Градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ донесе Решение за поништување на одобрение за градба на инвеститорот АНГО ДООЕЛ Скопје за објект од втора категорија со намена за Е2 Комунална субструктура – катна гаража на улицата „11 Октомври“.

Инвеститорот, како што соопшти општина Центар, добил одобрение за градење катната гаража на 26 август 2014 година со правосилност од 10 септември 2014 година. Законски предвидениот рок за почнување со градење, согласно членот 66 од Законот за градење, е две години од правосилноста на одобрението за градење, во спротивно одобрението за градење престанува да важи. На само три дена пред истекот на рокот, односно на седми септември 2016 година инвеститорот поднел барање за почнување на подготвителни работи за изградба на објектот.

– Од страна на Дистрибуција на топлина БАЛКАН Енерџи Груп (БЕГ), на барање на општината, доставена е и потврда дека инвеститорот ниту поднел барање, ниту потпишал договор за дислокација на вреловодна мрежа, а која инвеститорот своевремено ја навел како причина поради која се пролонгира на отпочнувањето со градење. На барање од општина Центар, Бирото за судски вештачења, со вешт наод и мислење, ја утврди фактичката состојба и заклучи дека на конкретната парцела не се гради никаков објект, ниту некогаш започнал да се гради, се вели во соопштението.

Врз основа на добиените заклучоци од инспекциските служби и вештачењето од Бирото за судски вештачења, како што се наведува, градоначалникот на општина Центар Саша Богдановиќ издаде решение за огласување на ништовност на одобрението за градба и го поништи претходно издаденото одобрение за градење на катната гаража.