Министерството за локална самоуправа со три милиони денари ќе ја финансира првата фаза од санирањето на каналот во Сингелиќ, активност што е приоритет број еден за граѓаните на оваа населено место, рече денеска министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу.

На средбата со градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски на која присуствуваше и директорот на Бирото за регионален развој, Рамиз Реџепи, Фазлиу ја истакна потребата за тесна соработка на општините со Министерството и на општините со месните заедници. Воедно ја нагласи политиката за рамномерен регионален развој како предуслов за намалување на разликите меѓу општините и населените места кои се изразени, како што напомена, особено меѓу градските и руралните општини, како и меѓу селата.
-Ние сме подготвени со средства од Министерството да помогнеме за реализација на проектите кои се иницираат од граѓаните, а во овој поглед треба да се искористат и можностите со квалитетни проекти кои ќе произлезат како приоритети од граѓаните, да најдат финансиска поддршка од домашни и од европски фондови, рече Фазлиу
Градоначалникот на општина Гази Баба го запозна министерот Фазлиу со активностите и проектите кои се реализирани досега, а кои се однесуваа на инвестициите во инфраструктура, отворање нови капацитети за работа и изградбата на патишта и други активности. Тој особено се задржа на проектот за изградбата на нов објект за општина Гази Баба што се очекува да се реализира во јавно-приватно партнерство, а ги истакна и неколкуте значајни активности во населеното место Сингелиќ, каде за кратко време ќе почне бетонирањето на земниот канал во должина од околу 300 метри.