Во Кавадарци денеска беа промовирани знаците што им даваат смајли или намуртеност на возачите, во зависност од тоа дали се грижат за безбедноста. Обезбедени се десет сообраќајни знаци од кои осум се донирани од Ротари клубот, а по еден од „Кожувчанка“ и компанијата „Вирлиос“ што ги изработи. Сето тоа, во соработка со локалната самоуправа и полицијата.

Кавадаречкиот градоначалник, Митко Јанчев рече дека ова ќе значи подобрување на сообраќајните режим, култура и безбедност. Сообраќајните знаци ги опоменуваат возачите и зависно од тоа дали ја почитуваат препорачаната брзина на движење или не, им покажуваат насмевка или намрштена фаца.
– Општина Кавадарци сака да има организиран систем во сообраќајот, со негова постојана онлајн контрола деноноќно, нагласи градоначалникот.
Командирот за безбедност во патниот сообраќај при кавадаречката полиција, Томе Илиевски изрази голема благодарност до градоначачникот и Општината за добрата соработка, за поставување на вертикалната сигнализација, со цел зголемување на безбедноста и намалување на бројот на сообраќајни незгоди.
– Со помош на овие знаци ќе можеме да водиме статистичка евиденција за тоа во кој период од седмицата и во кое време од страна на возачите се прават прекршоци, па според таа статистика ќе се поставуваат сообраќајни патроли и радари, по што ќе следуваат и санкции за несовесните возачи. Сето тоа со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот во општина Кавадарци и намалување на бројот на сообраќајни незгоди, рече Илиевски.
Претседателот на „Ротари клуб“-Кавадарци, Гојчо Николов рече дека тие секогаш се грижат за децата и безбедноста на кавадарчани.
Борис Вирлиос ја појасни технологијата по која функционираат сообраќајните знаци што имаат и камери, но ќе бидат вклучени тогаш кога ќе се биде начисто дали е тоа законски дозволено. Рече дека работат на вмрежување на уредите, така што во централна единица ќе се добиваат сите потребни информации. Во план е знаците да можат да се користат и како места за јавни информации за време, работа на пат и слично. Работат и на други вакви и слични технички решенија.
Градоначалникот најави и софтверски систем до крајот на годината. Во зависност од тоа колку дозволува законот, да се постават 85 камери низ целиот град. Со тоа би се регулирал сообраќајот, но и би се контролирале безбедноста и сигурноста, вандализмот и идната гасификација. Идејата е сето тоа да се постигне преку еден мониторинг центар во кој би работеле по еден човек од полицијата и од локалната самоуправа.