Државната комисија за спречување на корупција не смее да остане единствен орган во системот за одржлива борба против корупцијата. Донесувањето на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси отвори нов фронт за борба против корупцијата, но неопходно е носење на Законот за јавно обвинителство за создавање траен механизам во системот за борбата против корупцијата.
Во земјава 66 проценти од компаниите изјавиле дека корупцијата им е проблем за деловниот развој, што значи го препознаваат како проблем за нивен зголемен раст, додека истражувањата на глобални ниво покажуваат дека поради корупцијата за десет проценти се зголемуваат трошоците на деловно работење на компаниите.
Државните претпријатија немаат чувство дека располагаат со јавни ресури и се должни да даваат отчет за своето работење, па просечно ниво на транспарентснот и отчетност на државните претпријатија во 2018 година изнесува само 28 проценти од можни 100.
Ова го порачаа учесниците на конференцијата за „Зајакнување на интегритетот и намалување на корупцијата во државниот и приватниот бизнис – сектор“, што се одржа денеска во Скопје во организација на Центарот за граѓански комуникации и Здружението на граѓани Конект.
Министерката за правда Рената Дескоска, посочи дека со донесувањето на Законот за спречување на корупција и судир на интереси се создадени механизми за ефикасна борба против корупцијата, но дека таа не е единствен орган и не смее да остане единствен орган во системот за одржлива борба против корупцијата.
– Во постојниот закон го воведовме терминот интегритет сакајќи да потенцираме дека тоа е начело кое треба да биде клучно за работењето на сите и го дефиниравме од аспект на законито, независно, непристрасно, етичко, одговорно и транспарентно вршење на работи со кои службените лица го чуваат својот углед и угледот на институцијата. Предвидовме и обврска институциите внатре да создадат механизми кои ќе ги елиминираат ризиците од корупција и ДКСК да биде поддршка во тој процес, изјави Декоска.
Тоа е правната рамка, нагласи Декоска, но често ние не сме страдале од правната рамка, туку од имплементацијата на законските решенија.
– Тука се Државната комисија за спречување на корупција, но тука е на потег и Јавното обвинителство и судовите. Затоа се насочени и нашите напори кон донесување на новиот Закон за јавно обвинителство, што ќе го направи траен орган во системот кој што ќе има ефикасни надлежности спрема сите кои се носители на јавни фунции. Во моментов немаме позитивни вести во носењето на Законот за јавно обвинителство, но се надевам дека конечно ќе го финализираме овој закон, што практично треба да ни овозможи уште еден траен механизам во системот за борбата против корупцијата, изјави Десковска.
Катица Николова, која е член на Државната комисија за спречување на корупцијата, нагласи дека корупцијата е тешка болест и ги руши институциите и вредностите, а најголем проблем е рамнодушноста дека не може ништо да се преземе околу тоа, но дека новиот Закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси отворил нов фронт за борба против корупцијата.
– Од февруари до денеска вкупниот број отворени предмети од областа на спречување на корупцијата е 276, од кои 263 се по пријави од граѓани, 13 предмети по сопствена иницијатива и четири предмети согласно Законот за заштита на укажувачите. За 35 решени предмети одлуките се објавени на веб страната на комисијата, изјави Николова.
Посочи дека за четири месеци отворени се 50 предмети за следење на имотната состојба на избрани и именувани лица кои вршат јавна дејност, додека во областа на спречување на судир на интереси по сопствена иницијатива отворени се 66 предмети.
Министерот без ресор, задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност Роберт Поповски, посочи дека пред две години оваа влада стартувала од минусно салдо во насока на отвореноста на институциите.
– Владата на Република Северна Македонија е на првото место по транспарентност во споредба со владите од регинот. Во 2017 година бевме на последното место. Меѓутоа, тоа е само еден сегмент. Тоа значи дека сме се отвориле и граѓаните и медиумите ги имаат информациите на располагање, изјави Поповски.
Владата е прва, но посочи Поповски, според истото истражување министрите се на трето, а јавните институции на петто место.
– Тоа значи дека има разноликост во пристапот кон презентација на информациите и начинот на комуникација со јавноста. Локалната самоуправа е на петто место. Тоа се драматични разлики и тоа говори и за политичкта волја и за поставеноста на носителите на јавни функции и како ја доживуваат обврската да бидат отворени кон граѓаните, истакна Поповски.
Посочи дека на многу нивоа има различност во пристапот и дека е неопходно темелно да се анализира како функционираат државните претрпијатија, централната власт и како функционираат локалните претпријатија и сите други буџетски финансирани институции.
Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации, посочи дека истражувањето за транспарентноста и отчетноста на 30-те најголеми претпријатија направено во последниот квартал на 2018 година покажува дека просечно ниво на транспарентснот и отчетност на државните претпријатија изнесува само 28 проценти од можни 100.
– Највисоко ниво на транспарентност и отчетност го покажа ЈП за државни патишта со 52 проценти, а на дното се наоѓа АД Градски трговски центар со ниту една објавен информација која согласно закон треба да бидат објавени, изјави Факиќ.
Посочи дека државните претпријатија не ги објавувале кварталните и годишни финансиски извештаи, не се објавуваат членови на управни и надзорни одбори и договори за јавни набавки, како и било какви информации за дневниот ред и седниците на одборите.
– Сето ова се податоци кои не говорат дека државните претпријатија имаат чувство дека располагаат со јавни ресури и се должни да даваат отчет за своето работење, истакна Факиќ.
Според Никица Кусинкова од здружението Конект, последниот извештај за спроведувањето на целта, 16 од целите за одржлив развој покажуват дека годишно земјите во развој губат 1,26 трилиони американски долари поради корупција и една од пет компании на глобално ниво се соочила со барање за поткуп во нивниот однос со институциите.
– Во оваа насока е важно да се вклучи бизнис заедницата во дискусијата и спречувањето на корупцијата. Во Северна Македонија 66 проценти од компаниите изјавиле дека корупцијата им е проблем за деловниот развој, што значи го препознаваат како проблем за нивен зголемен раст. Голем дел од нив посочуваат дека корупцијата креира нелојална конкуренција, дека ги зголемува нивните трошоци на деловно работење, изјави Куинкова.
Посочи дека проценките на глобално ниво се дека за десет проценти се зголемуваат трошоците на деловно работење поради корупцијата и дури до 25 проценти во јавните набавки.