Во беровските сeла Митрашинци и Двориште во присуство на претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство од Берово почна распределбата на персонализираните платежни картички за набавка на „евродизел“ за земјоделска механизација.

За оваа мерка, со која државата субвенционира 30 отсто од трошоците за гориво, за земјоделците од беровскиот регион, како што информираше Гоце Милошевски, раководител на секторот земјоделство, се издвоени 2 милиони денари.
– Со оваа мерка во беровскиот регион се опфатени вкупно 758 земјоделци. Со цел да не бидат изложени на дополнителни трошоци, решивме картичките на земјоделците да им ги доделиме лично. Денес тоа го направивме во селата Митрашинци и Двориште, а потоа продолжуваме и во останатите населени места, рече Милошевски.
За земјоделецот Иле Блажовски, оваа мерка ќе им намали дел од трошоците при извршување на земјоделските работи.
– Јас се занимавам со сточарство и земјоделство, најмногу произведувам пченка и компир и лично за мене оваа поддршка е добредојдена, со нафтата ќе можеме да ги ораме нивите на време, вели Блажовски.
Беровскиот градоначалник Звонко Пекевски, кој им додели дел од картичките на земјоделците, истакна дека целта е да се влијае врз намалувањето на трошоците на земјоделците, во процесот на производство и зголемување на конкурентноста на домашните производители.
Со оваа мерка ќе бидат опфатени 55.000 земјоделци во државата, кои имаат градинарски и полјоделски култури, лозови и овошни насади.