ООУ „Киро Глигоров“ ги отвори вратите за првите ученици (ВИДЕО/ФОТО)

од Vladimir Zorba
518 прегледи

Утрово ООУ „Киро Глигоров“ ги отвори вратите за првите ученици. Училиштето во Капиштец е прво ново-изградено во Општина Центар по цели 50 години, кое го решава повеќе деценискиот проблем на жителите од оваа населба.

„Станува збор за прво ново – изградено училиште на територија на Општина Центар по цели 5 децении. Училиштето во населбата „Капиштец“ започна да се гради во 2016 година, а целокупната изведба на проектот е во вредност од 5.5 милиони евра. Името на училиштето беше избор на граѓаните. На анкетата која ја спроведовме на нашата веб-страница во јули годинава, Киро Глигоров е името кое освои најмногу гласови. Училиштето „Киро Глигоров“ е со модерен дизајн и архитектура, изградено според највисоки стандарди за објекти во кои престојуваат и се образуваат деца. Особено сум горд на фактот што ООУ „Киро Глигоров“ е инклузивно училиште, во чиј состав ќе функционира и посебен Дневен центар за деца со церебрална парализа. За таа намена, изградивме и комплетно уредивме простор според нивните потреби, но и целиот училиштен објект го адаптиравме на потребите на овие деца. “ – изјави Саша Богдановиќ, Градоначалникот на Општина Центар.

Во состав на училиштето има 21 училница со акустика на простор,7 специјализирани кабинети за предметна настава,спортска сала и гимнастичка сала, ботаничка градина, трпезарија со кујна, наставнички кабинет и канцеларии за персонал, како и инклузивна просторија – Дневен центар за деца со церебрална парализа.

Сите училници и кабинети се опремени со стандардни школски табли, прожектори и смарт-табли со повеќе функционалности на допир, во кои е вграден софтвер кој овозможува интерактивно искуство во учењето, а на наставниците им нуди широк спектар на алатки за поддршка во секојдневната настава.

Смарт-таблите се производ на глобалниот провајдер за технологија за образование, „Прометеан“, кој, за својата креативност и иновативност, во конкуренција на компании во секторот за технологија за образование е прогласен за „Компанија на годината“ за 2018 година.

Секој од специјализираните кабинети располага со соодветна опрема за предметот, кој во неа се изучува. Бироата во сите училници и кабинети имаат довод за мрежен интернет, а во кабинетите за хемија и физика покрај доводот за мрежен интернет до секое ученичко биро има и довод за вода и струја кои се неопходни за изведување училишни експерименти.

Сите училници и кабинети се со противпожарен алармен (Сплинкер) систем и противпожарни влезни врати со отпорност на пожар до 30 минути.

Спортската сала е по ФИБА стандарди, трпезаријата е по ХАСАП стандарди, а посебниот Дневен центар за деца со церебрална парализа е според стандардите и потребите на корисниците.