Поранешниот министер за надворешни работи, Никола Попоски ретко се појавува во медиумите, но и при партиските активности на ВМРО-ДПМНЕ. Во интервју за „Независен весник“, тој ги отфрла како шпекулациите гласините дека ќе формира нова партија.
На прашањето дали Македонија ќе добие датум за преговори со Европската унија Попоски, меѓудругото, вели:
„Има начини да се скрати периодот за интеграција, секако, но за тоа ќе треба сите да се надминеме себеси. Мора да сме свесни дека ова е споредна одлука за ЕУ. Излегување на Британија, доверба за нова комисија, аранжманот за мигрантите, трговската војна, данокот за гигантите на интернет… се поважни за земјите членки во ЕУ отколку административно закажување на меѓувладина седница со земја која чекала еден куп години, а можеби ќе чека уште толку до членство. Тоа што кај нас го претставуваме да се биде или не, таму е една точка крај многуте поважни.“
Екс министерот за надворешни смета дека за ВМРО-ДПМНЕ многу поопасно од сите критики е да се надеваат дека власта не е сјајна и како што вели, да спијат на уво дека неспособноста ќе ги дотолчи.
„Во реалната политика, пак, мерило за успех е дали формираме влада, добиваме градоначалник, претседател или совет… Сè повеќе сум убеден дека и резултатите на избори ќе зависат од нашиот капацитет да го смениме ултрареволуционерно начинот на размислување и однесување, што е реално многу тешка работа. “ – вели тој.