276
Се поставува нова атмосферска канализација на улиците „Царевоселска“ и „Кеј на Брегалница“ во Делчево. Градежните активности ги изведува Јавното претпријатие за комунална дејност „Брегалница“, чиј директор Стојче Стојковски, истакна дека се работи за активности, кои ќе се реализираат во должина од 160 метри.
-На овие улици, веќе се во тек активности за поставување на полиетиленски цевки Ф-300 во должина од 160 метри. Ова е инвестиција на општината со која во заедничка соработка ќе продолжиме и со други вакви проекти кои се важни за граѓаните, истакна Стојковски.
Увид во градежните активности, изврши и градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски, кој рече дека со реализација на оваа активност, се решава децениски проблем, поврзан со поплавите во оваа населба.
-Одговараме пред граѓаните и работиме на решавање на нивните проблеми, кои ги имаат со години. Се надевам дека со оваа инвестиција, ќе го решиме стариот проблем, а воедно, најавувам дека следниот период ќе инвестираме во изградба на атмосферски канализации и во другите критични делови во градот, односно на улица „Вера Јоциќ“, каде ќе се прифаќаат сите води од овој дел од населбата, се до колекторот, на десната страна на река Брегалница, рече Трајковски.
Како што додаде, аплициран е и проект преку кој се обезбедени финансиски средства, за проектирање и изведба на колекторски систем, во населба Ново Делчево и СРЦ.
По завршување на овие теренски работи, како што додадоа од општината, ќе следува асфалтирање на крак од улица „Кеј на Брегалница“ во должина од 80 метри, која е дел од Договорот за финансиска поддршка потпишан меѓу Општина Делчево и Министерство за локална самоуправа, како дел од активностите кои се спроведуваат во рамките на Акцискиот план за домување 2017-2020г. од Статегијата на Ромите.