Општините се обучуваат како да развиваат социјални услуги во заедниците со поддршка на државата

од Aleksandar Petrovski
149 прегледи

Општините во наредниот ќе може да аплицираат за грантови наменети за проекти за развој на социјални услуги во локалните заедници, вклучувајќи непосредна социјална услуга, помош на индивидуа или семејство, домашна нега, лична асистенција, дневна нега, привремена грижа, мали групни домови, дневни центри и услуги за живеење со поддршка и други иновативни услуги во заедницата, за што се обезбедени вкупно 10,8 милиони евра, за период на имплементација од пет години.

За таа цел денеска во тренинг центарот на ЗЕЛС, проектот што го спроведува Министерството за труд и социјална политика беше презентиран пред претставници на општините од земјава.

– Со поддршка на ЗЕЛС денеска дискутираме со преставниците во општините за можностите за развој на социјални услуги и сето она што го нуди грантот од МТСП, кој е во висина од 10,8 милиони евра и се однесува конкретно за развој на социјални услуги во локалните самоуправи согласно потребите на граѓаните, што е овозможено со новиот Закон за социјална запштита, рече Душан Томшиќ од Министерството за труд и социјална политика

Во наредниот период, додаде тој, ќе пристапиме кон фаза на поддршка и помош на општините во пишување на предлог проектите.

-Во декември очекуваме огласот да биде отворен и активен и сите општини кои ќе напишат клвалитетни предлог решенија ќе имаат можност да добијат грант. Тој е поделен на два дела, првиот во висина од максимум 30 илјади евра за адаптација на простор, набавка на опрема или транспортни возила за одреден вид социјална услуга. Вториот дел од грантот ќе биде финансирање на услугата во период од 12 месеци по што државата ќе ги преземе трошоците за сите услуги кои ќе бидат развиени во рамки на овој грант, рече Томшиќ.

Фокусот на услуги кои ќе се развиваат е насочен кон услуги во домот и заедницата, пред се, како што рече, поради тоа што земјата е во фаза на менување на моделот на заштита на луѓето од институција кон живеење во заедница.

Томшиќ појасни и дека општините сами си ги бираат партнерите кои во нивно име би ги испорачувале условите или пак сами би развиле такви услуги.

Презентација на „Проектот за подобрување на социјалните услуги“, кој е финансиран со средства од заем на Светска банка, се одржа со поддршка на ЗЕЛС. Душица Перишиќ, извршнен директор на ЗЕЛС рече дека нивната улога како единствена асоцијација на локалните самоуправи, е да им овозможи што полесен пристап и што подобра комуникација за сите проекти и можности.

– Ова е одлична приказна за нешто што значи обезбедување социјални услуги, бидејќи согласно програмата на ЗЕЛС и програмата на Влада наголемо се разговара за можност за децентрализација во сферата на социјалната заштита. Претпоставувам дека ова ќе биде добар тренинг за општините, како ќе им се префрлаат средства, пари и луѓе, за да можат да управуваат и да раководат со вакви гиолеми проекти, рече Перишиќ.

Слични содржини