Денеска во Кривичен продолжи судењето за предметот за изборен криминал на СЈО „Титаник“ со сослушување на сведоци за незаконското издавање на државјанства и лични карти на граѓани од Албанија.
Вработената во МВР Виолета Димитровска која веќе е во пензија, како сведок, ја појаснуваше процедурата за издавање државјанства во Министерството појаснувајќи дека во нејзината 35-годишна кариера барања за државјанство се поднесуваат или лично или со полномошник. Но, само еднаш имала поинаква пракса, кога вработениот во Министерството за правда, Мунир Пепиќ, и рекол оти има лица кои исполнуваат услови за државјанство, но се во тешка материјална состојба и не можат лично да поднесат барање, па нивните барања да биле поднесувани преку претставник чие име почнува на буквата „А”, кој имал приближно 40 години.
„Од Мунир Пепиќ ми беше пренесено: Вики, сега идам откај началничката Надица Велевска. Имам лица што исполнуваат услови за државјанство, но се во тешка материјална состојба и не можат да дојдат поединечно, а имаат свој претставник кој ќе ги носи нивните барања пополнети. Така е договорено и со Кире од Кабинетот“ – рече Димитровска.
„Ништо не реков, но не ми беше пријатно. Се качив горе во Секторот и се видов до Надица. Таа ми рече: Вики, што да ти кажам, што да ти речам?“, сведочеше Димитровска.
Таа пред судот рекла дека тоа траело една година, од април 2014 до април 2015 година, а нејзината улога била само да се примат барањата и да се предадат.
Во случајот „Титаник“, обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за за финансирање изборна кампања.