Потпретседателот на Собранието Зеќир Рамчиловиќ денеска упати честитка до граѓаните на Босна и Херцеговина по повод Денот на државноста.
-Верувам дека големиот празник „Денот на државноста на Босна и Херцеговина” како во минатото, така и во иднина ќе продолжи да биде фактор на обединување и градење на посилна држава која ќе биде убаво место за живеење на сите нејзини граѓани. Во оваа прилика сакам да изразам големо задоволство и да одадам признание за посветената работа и вклученоста на Амбасадата на Босна и Херцеговина во активностите за унапредување на соработката помеѓу двете земји, се вели во честитката од Рамчиловиќ.
Во неа тој оценува дека билатералните односи помеѓу РСМ и БиХ отсекогаш биле на високо ниво, а особено денес и посочува дека искрено верува дека соработката помеѓу двете земји и народи уште повеќе ќе се унапредува и зацврстува во иднина.
-Освен веќе реализираните проекти и активности во најкраток рок се надевам дека ќе ги поврземе Сараево и Скопје со авионска линија, како и отворање на културните центри на двете држави со што уште повеќе ќе ги зближиме нашите народи и ќе ги зајакнеме економските врски. Бошњаците се најсилната алка која ги поврзува РСМ и БиХ. Тие ќе продолжат да бидат мостот на пријателство и соработка помеѓу нашите две земји и народи, посочува Рамчиловиќ.
Бошњаците, наведува тој, во изминатиот период дадоа исклучителен придонес за стабилизација и просперитет на РСМ, особено во нејзините интеграциски процеси кон ЕУ и НАТО.
-Тоа е дополнителна причина за квалитетна соработка на патот на реализацијата на заедничките цели на двете држави и народи со кои ќе имаме стабилен и просперитетен регион, се наведува во честитката од потпретседателот на Собранието Рамчиловиќ по повод Денот на државноста на БиХ.