ИНРЕКОМ: Пратениците да ги повлечат предложените измени на Законот за АВМУ

од Stefanija Kuzmanovska
265 прегледи

Институтот за развој на електронски комуникации ИНРЕКОМ укажува на недостатоци на Предлог законот за изменување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и ги повикува пратениците да го повлечат, поради, како што објави денеска, неговата сложеност и недореченост во пресрет на предвремените парламентарни избори во државава.

ИНРЕКОМ преку соопштение апелира ваков важен закон, кој опфаќа посебна тематика, односно Поглавјето 10 кое се однесува на информатичкото општество и медиумите, да не се донесува избрзано, особено не во скратена постапка.

– ИНРЕКОМ препорачува овие измени да се остават за следниот парламентарен состав, а  тие да подлежат на широка дебата во која ќе бидат вклучени засегнатите страни како што се: претставници од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги – АВМУ, телекомуникациските оператори, самите медиуми и медиумски групации, здруженија на медиумите и синдикати на медиумски работници, како и други чинители од невладиниот сектор и општествената сфера. Потсетуваме дека предложените измени на Законот, беа неприменливи во пракса – на што реагираа и самите оператори на телекомуникациски мрежи, стои во соопштението.