Прашањето за животната средина не се однесува само на Министерството за животна средина и просторно планирање, тоа опфаќа повеќе институции кои треба да бидат вклучени во овој домен. Нашите сегашни закони не се воошто лоши, добри се. Но, не е доволно само да се пишуваат, треба и подобро да се спроведуваат, заклучи денеска министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, на расправата „Правна заштита на природата и животната средина и судска заштита на правото на здрава животна средина“ во МАНУ.
Тој, посочи дека законите, кои се однесуваат на животната средина, се подобруваат и се усогласуваат со директивите на Европската Унија.
– Меѓутоа за прашањето за кое денеска се дебатираше, како да ги применуваме законите, треба сите заедно да соработуваме, сите Министерства, инспекторите, МАНУ, нагласи Нуредини.
Тој наведе дека постои голема листа на ЕУ-директиви кои треба да се разгледаат и да се усогласат во нашите закони.
– Сите закони не биле подеднакво применети за сите. Според мене, законот се однесува за сите, истакна министерот.
Тој потенцираше дека добил коментар оти Министерството нема доволно моќ и капацитет, посочувајќи дека во иднина треба да се дискутира за тоа каде е улогата и одговорностаа на МЖСПП.
– Јавноста очекува дека ние треба да бидеме одговорни за се. Ние сме одговорни за законите, но инспекторите ги прават инспекциските контроли, а Јавното обвинителство понатаму го следи целиот процес и согледува дали некој закон е прекршен, рече Нуредини.
Тој нагласи дека тие се тука за сите да ги поддржат, но бара и поддршката да биде возвратена.