Поповски: Треба да ги туркаме сите институции во насока на поголема транспарентност и борба против корупцијата

од Vladimir Zorba
193 прегледи

Стратешките заложби за транспарентност и борбата со лажните вести мора да продолжат и понатаму, без оглед на тоа кој ќе дојде на власт. За таа цел мора претходно да ги едуцираме граѓаните преку воведување на медиумската писменост и во формалното образование.

Ова го истакна министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, на денешната средба со претставници на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), Овен Паун, директор на ИРИ, Олин Ветингтон, член на Управниот одбор на ИРИ и Илина Мангова, раководител програмата на Меѓународниот републикански институт (ИРИ) во Северна Македонија.

Министерот Поповски ја посочил важноста од етаблирање на професионалци во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Оваа Влада, како што истакнал тој, првпат создаде професионален сектор за информирање кој, меѓу другото, ја промовираше транспарентноста на сите буџетски трансакции, подвлекувајќи дека во наредниот период од особено значење ќе биде бескомпромисната борба со криминалот и корупцијата како и остварувањето реални реформи во судскиот систем.

– Сите заедно треба да ги туркаме сите институции во насока на поголема транспарентност и борба против корупцијата, посочил Поповски.

Претставниците на ИРИ ја поддржале досегашната соработка со Владата на Република Северна Македонија и изразиле надеж дека таа ќе продолжи. Тие истакнале дека инцијативите и реформските процеси што ги остварува оваа Влада се од огромно значење за иднината на земјата и упатија честитки за успешноста. Од ИРИ ги поздравиле заложбите на Владата за професионално информирање и понудија експертиза за сензитивизирање на јавноста за лажните вести.

Слични содржини