На граничниот премин Деве Баир во текот на вчерашниот и денешниот ден влегле вкупно 300 македонски државјани и сите потпишале изјава за самоизолација, информираат од Полициската станица за гранична проверка и граничен надзор Регионален центар Исток.
Оттаму посочуваат дека во текот на вчерашниот ден и целото деноноќие преку Деве Баир влегле 250 наши државјани, а денеска до 14 часот дошле 50 наши граѓани.
Најавениот конвој што вчера се очекуваше да пристигне и околу 200 граѓани со автобуси да се сместат во карантин во Пепелиште, велат, не пристигнал. Единствено пристигнала група музичари жители на Битола и Струмица, кои допатувале од Австрија. Групата од десетмина луѓе е сместена во Пепелиште.
Од ПС за гранична проверка РЦ Исток информираат дека сите граѓани кои влегуваат во државата се анкетирани од страна на епидемиолошка служба, им се врши проверка на температура и сите задолжително потполнуваат изјава за самоизолација од 14 дена.