МНР организираше нови чартер летови за враќање на македонски граѓани од Словенија и Германија

од Vladimir Zorba
114 прегледи

Министерството за надворешни работи информираше дека во соработка со Генералниот секретаријат на Владата и Министерството за здравство на Република Северна Македонија, за денес и утре организираше чартер летови за враќање на македонски државјани во земјата.

– Од Словенија направена е репатријација на 126 лица, кои пристигнаа на скопскиот аеродром и се упатуваат во задолжителен државен карантин. Во попладневните часови ќе бидат вратени наши граѓани од Минхен, а за утре се предвидени два лета од Берлин и Келн/Бон, соопштија од МНР.

Од Министерството наведоа дека чартер летовите ги реализира авиопревозникот Wizzair, којшто за овие четири дестинации на јавниот повик од Владата на Република Северна Македонија, понуди најниска цена. Цената за авио билетот, како што посочија од МНР, се определува од вкупната цена на летот поделена со број на патници.

Министерството за надворешни работи упати благодарност кон надлежните власти во Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Косово/НАТО, Србија, Германија, и Австрија за соработката при издавање на дозволи за прелет и целокупната поддршка во овие отежнати околности.

Од МНР наведоа дека продолжуваат со напорите за враќање во земјава на затекнатите македонски граѓани во странство.

Слични содржини