Адеми: Нема подобра алтернатива од инвестирањето во студентите

од Vladimir Zorba
107 прегледи

„Мајка Тереза“ е најновиот државен, јавен универзитет во Република Северна Македонија и се движи во добра насока. Постигнува добри резултати и нуди нови студиски програми што се значајни за пазарот на трудот. Ова денеска го изјави министерот за образование и наука Арбер Адеми кој присуствуваше на првиот академски час од учебната 2019/2020 година на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје.

– Им порачавме на сите студенти да бидат одговорни и да ги изучуваат темите што се од нивната област бидејќи од нив се очекува многу. Ние како држава само во нашите млади, во студентите треба да инвестираме бидејќи подобра алтернатива од инвестирањето во нив немаме, рече Адеми.

Ректорот на Универзитетот „Мајка Тереза“ Азис Положани изјави дека почнале со работа пред четири години со над 200 студенти и 30-тина професори, а сега има повеќе од 100 професори и околу 2.000 студенти.

– Во текот на овие години успеавме да ги афирмираме нашите вредности и да ги направиме препознатливи за сите. Оваа година на Универзитетот се запишани околу 700 студенти, од кои има две групи кои наставата ќе ја следат на македонски јазик. Тоа се групата на сообраќајно инженерство и царина и шпедиција, рече Положани.

Словенечкиот амбасадор во нашата земја Милан Јазбец нагласи дека најдобрата инвестиција во животот е инвестицијата во нас самите и во образованието. Посочи дека знаењето е многу важно и им порача на студентите додека студираат да бидат среќни и да учат, да веруваат во себе.

Слични содржини