Судот на Европската унија ќе донесе пресуда оваа недела која би можела да има големи последици за угледот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Пресудата се однесува на нејзините текстуални пораки со извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла, и прашањето дали Комисијата ги прекршила правилата за транспарентност со тоа што не ги објавила овие пораки.
Спорните пораки се однесуваат на преговорите за најголемиот договор за вакцини во историјата на ЕУ, вреден милијарди евра, кој беше склучен со „Фајзер“. Судот треба да одлучи дали тие пораки треба да се третираат како официјални документи и да бидат објавени во име на транспарентноста. Комисијата, сепак, тврди дека текстуалните пораки не се исто што и официјалните документи.
Овој случај, познат како „Фајзергејт“, беше покренат од „Њујорк тајмс“, кој поднел тужба против Комисијата поради нејзината одлука да не ги објави пораките. Јавноста дозна за постоењето на овие пораки во април 2021 година, кога Бурла ги опиша како начин за изградба на доверба и олеснување на преговорите за вакцинскиот договор.
Одлуката на судот би можела да има значајни политички последици за фон дер Лајен, бидејќи ќе го постави прашањето за транспарентноста на високи функционери во Европската унија. Многу критичари ја обвинуваат Комисијата за недостаток на транспарентност и за создавање култура на „прикривање информации“.
Доколку судот пресуди против неа, тоа би претставувало политички скандал и би можело да ја подкопа нејзината посветеност на транспарентноста, која ја вети при започнувањето на вториот мандат на функцијата. Се очекува дека пресудата ќе има големо влијание на начинот на кој Европската комисија ќе работи во иднина, особено кога станува збор за одлуки од клучно значење за јавноста.
Покрај ова, Европскиот јавен обвинител ја истражува Комисијата поради начинот на кој се водени преговорите за вакцините, што ја зголемува тензијата околу оваа тема. Тимот на Европската комисија, пак, ги одби обвиненијата и тврди дека текстуалните пораки не биле користени за преговори за договорот, туку само за редовни контакти со фармацевтските компании во време на глобалната пандемија.