Висок е трендот и долго актуелна тема за иселувањето на младите од земјава. Во голем дел причините и се помалку или повеќе познати на јавноста. Според голем дел анкети, резултатите говорат за интелектуално незадоволство кај младите, особено кај оние кои се со високо образование, системот, вклучувајќи ги здравството, политиката и администрацијата во таквиот процес, како и финансиите кои се клучот за животна егзистенција.
Од Агенција за посредување при вработување, која сакаше да остане анонимна, за Локално велат дека посредува за вработување во Германија и дека им овозможува на сите кандидати работни договори брз база на кои истите можат да добијат виза.
– Поради целата ситуација со Covid 19 процесот за добивање виза беше и сеуште е отежнат, па така визи се издаваат само на квалификувани кадри. Но сепак интересот за заминување воопшто не е намален. Напротив се повеќе клиенти се заинтересирани за заминување вклучувајќи го целото семејство, велат од Агенцијата
Од Австралија Мигрејшн, односно канцеларијата која работи од овде, велат дека кога станува збор за работна виза, односно работа во Австралија, самите апликанти се информирани за стандардот на живеење во Австралија и висината на платите, така да ние само се надополнуваме кон нивните прашања. Кај овие визи, им објаснуваме дека ќе имаат загарантирано здравствено осигурување, дека ќе имаат работа, многу повисока од овде (се објаснува за секоја струка засебно), дека ќе живеат во одлично среден систем, дека нема загадување, дека нивниот труд ќе биде целосно платен и дека нивните деца ќе добијат одлично школување за време на престојот во Австралија. Кај оние кои одат да живеат таму, односно постојани визи (без разлика врз каков основ, брак, струка, спојување на семејство), повтороно доаѓаме до истата компарација, дека трудот што го вложуваат ќе им биде целосно платен, дека корупцијата скоро и да не постои, дека секој граѓанин таму е рамноправен пред судовите, дека премногу се води сметка за стандардот на потрошувачите, за разлика од овде, дека нивните деца ќе добијат образование кое е вреднувано секаде во светот и дека ќе живеат во незагадена средина, односно во средина во која природата и нејзината заштита е на прво место.
Од Германската амбасада во С.Македонија, велат дека засега се јасни процедурите во однос на добивањето виза. Имено, она што е новина е отпаѓањето на опцијата долгорочно да се чека за работна виза. Такашто, во моментов се само достапни фамилијарните визи, како и оние кои се нарекуваат аусбулдунг, што во превод значи виза преку која граѓани можат да посетуваат половина работно време училиште, а остатокот да го работат практично. Стандардните визи пак, ќе бидат пуштени кога Германија ќе даде зелено светло, со оглед на строгите мерки и локдаунот кој е активен таму поради Ковид пандемијата. Во таа насока, статистички податоци од амбасадата не добивме, идентично како што не добивме и одговор како тие гледаат на се помасовната емиграција на млади македонски граѓани надвор од земјава.
Во поглед на статистиката, Агенцијата за посредување која ја контактиравме, посочи дека процентот на млади и лица во по зрели години воопшто не се разликува. Имено, се повеќе се заинтересирани да си заминат цели семејства. Имаме случаеви каде што луѓето склучуваат бракови побрзо бидејќи едниот партнер има европски пасош, па во овој случај приклучокот на семејство е многу по брза е по едноставна процедура, велат од агенцијата.
Кога станува збор за прекуокеанските земји, конкретно Австралија, од канцеларијата за посредување во Скопје, велат дека најчесто, односно најголем процент (70%) од луѓето сакаат да аплицираат за визи, кога сакаат да створат семејство, односно, најголемиот процент од апликантите се на возраст од 28 години до 38. Студентите се помал број (10%), има од 18 до 20 годишна возраст. Но, има еден помал дел (20%) и над 38 години, но за одредени визи не смее да има повеќе од 45 години.
Во тој поглед, процедурата за добивање на виза ни ја потврди и нашата сограѓанка, Јулија Раповска, која со својот сопруг и малото дете заминале од скоро во Нов Зеланд . Како што посочува Раповска, визата ја добиле преку посредник, биле потребни документи, но не и долго време. Ја прашавме и зошто одлуката паднала токму на Нов Зеланд, за што добивме одговор дека е земја кога е светски развиена, има систем и одличен стандард. Таму како што вели, егзистенцијата нуди шанса за комотен живот и правилни вредности во секој поглед, со два збора ја опиша како „Земја на рајот“. Со оглед на Ковид пандемијата и статистиката која доста зборува за начинот на работа на тамошните надлежни институции, Раповска потврдува дека се единствена земја во светот која запиша 100 дена без ниту еден пријавен случај на коронавирус. Вели, мерките за целосен локдаун беа навремени, на само стотина заразени, со што се спречи понатамошна катастрофа, за која бевме сведоци во голем дел светски развиени земји.
Но, факт е дека не е се така брзо и едноставно. Од Агенцијата за посредување на работа во Германија, велат дека моментално е полесно за квалификуваните кадри да добијат визи, но посочија и дека стравуваат од фактот дека доколку се би било поолеснето, ќе има масовна имиграција и ќе го надмине несомнено веќе очекуваниот број.
Од Австралија Мигрејшн пак, накратко ни објаснија и која е процедурата за добивање на виза.
– Ќе се обидеме на кратко да Ви објасниме, бидејќи навистина процедурата и условите се опширни. Иселеничка виза врз основ на брак/вереничка виза е апликанитите да имаат врска со Австралиски државјанин или Постојан жител на Австралија, да бидат психо-физички здрави (да ги поминат медицинските прегледи, тие и нивните членови од семејството) и да докажат дека нивната врска е вистинска. Сето тоа со документација се поткрепува и секако се уплаќа разгледувањето на апликацијата во Министерството за Имиграција на Австралија. Работните визи, за краток или подолг рок се најчесто аплицираните, иако се тие и најтешки за поднесок. Лицата мора да имаат одредено образование (најчесто високо), да го владеат Англискиот Јазик (се полага тест), годишната возраст да биде во рамките на законот за таа виза, да имаат големо работно искуство во струката која ја номинирале, нивната струка мора да биде дефицитарна во Австралија, да поминат на верификација на струката (секоја струка си има засебно тело, комора, итн.), доколку има потреба и лиценца за работа, да бидат психо-физички здрави (да ги поминат медицинските прегледи, тие и нивните членови од семејството), да добијат покана од Министерството за Имиграција на Австралија и во одредени ситуации да имаат и понуда за работа во Австралија. Се уплаќа одредена сума за разгледување на апликациите и до телата, коморите, итн. и до Министерството за Имиграција на Австралија, потенцираат од канцеларијата.
Од Европа пак, Раповска ни посочи и дека 4 години минала на Малта. Таму пак, како што вели процедурата е наједноставна, а животниот стандард повторно отскокнува од овде. Таму нашите сограѓани заминуваат како туристи и по истекот на регуларните 90 дена остануваат, додека Малта не им обезбеди легална документација. Иако за нешто малку поголема дневница голем број на Срби и Македонци ја „опседнаа“ Малта, сепак, условите како што вели дозволуваат да се чувствуван „важен во општеството“. Раповска имаше прилика и да се породи токму на Малта, па накратко се осврна и на тамошниот здравствен систем, кој вели иако под државна капа нуди комодитет и сериозност во справувањето со секое одделение. Во приватен апартман, со услуга на ниво, го опиша престојот во Државната болница на Малта (Гозо), при процесот на породување.
Во поглед пак, на Ковид пандемијата и интересот за заминување на граѓаните, Агенцијата за посредување го дели ставот на Австралија Мигрејшн. Од таму велат дека, интересот за Австралија како држава е секогаш најголем, односно во споредба со другите држави. Пораст има, но бидејќи условите се потешки во изминативе години, помалку луѓе ги исполнуваат условите. Но и покрај се има голем интерес кај нашето население.
– Секако, поради Ковид 19 имавме клиенти кои не заминаа туристички кај своите најблиски, визите им пропаднаа, а секако и на некои, кои се одобрени студенти, сеуште не можат да заминат бидејќи Австралија целосно ги затвори границите. Откако настана состојбата со пандемијата никој не замина за Австралија. Само ретки слуачеви на Постојани жители на Австралија заминаа кај своите најблиски. Имавме случаеви и на вратени привремени жители од Австралија, кои сеуште се овде, ни посочија од канцеларијата.
А.В.