Градските власти на живописното Портофино, омилената туристичка дестинација на италијанската ривиера, усвоија ново правило со кое се забранува долг престој во одредени делови од градот, што предизвика незадоволство кај посетителите, особено кај оние кои сакаат да прават селфи насекаде.
Станува збор за места каде туристите имаат особено добар поглед на познатиот залив, а некои, пренесе „Анса“, овој потег го протолкувале како забрана за селфи.
Доколку туристите останат предолго на одредените места за фотографирање, би можеле да платат казна од 275 евра.
Градоначалникот на Портофино, Матео Вијакава, кој го потпиша указот, појасни дека ќе бидат воведени „црвени зони“ меѓу центарот на градот и плажите.
Тој објасни дека ова е единствениот начин да се избегне „анархичниот хаос“ што се случува на сред сезона поради големиот број туристи кои за да направат селфи се задржуваат подолго на одредени места, го нарушуваат сообраќајот и ги блокираат тесните улици на рибарскиот град со 500 жители.
Правилото стапи во сила веќе за време на велигденскиот викенд и зголемениот прилив на туристи и ќе биде на сила до крајот на октомври секој ден од утро до 18 часот.
Веста за новата регулатива брзо се прошири. Таа предизвика негодување, особено од британските медиуми, а крена бура и на британските социјални мрежи.
Вијакава луто реагираше на реакциите од странство.
„Да не се залажуваме лесно. Никој овде не забранил селфи, па и Англичаните да пишуваат така, нема причина да им веруваме“, рече градоначалникот.