На 25 април, кинеските државни медиуми објавија извештај во една реченица во кој се наведува дека маж по име Ма бил уапсен во Хангжу поради причини поврзани со националната безбедност. Другите медиуми брзо ја пренесоа веста, претпоставувајќи дека станува збор за Џек Мау, ко-основачот на познатата онлајн продавница Alibaba, чие седиште е во Хангжу.
Ова предизвика паника кај инвеститорите кои повлекоа 26 милијарди долари инвестиции од компанијата за неколку минути. Конфузијата ја реши Ху Ксијин, поранешен уредник на популарниот државен таблоид „Глобал Тајмс“.
На „Веибо“, кинеска страница слична на „Твитер“, тој објави дека името на обвинетиот е напишано со три знаци, додека кинеското име на Џек Ма Јун е напишано со два знака. Истиот таблоид потоа објави дека осомничениот е роден во 1985 година во Венжоу и работел за ИТ компанија за истражување и развој. Набргу по објавувањето на дополнителни информации, инвеститорите ги вратија речиси сите инвестиции во Alibaba.
Си-Ен-Ен јавува дека ваквата состојба е одличен показател за претпазливоста што ја покажуваат инвеститорите кога инвестираат во кинескиот технолошки сектор, кој е под строги државни регулативи од 2020 година.
„Сметам дека ова е необична епизода. Дали ова беше еден вид предупредување за технолошкиот сектор како целина или можеби за самиот Џек Ма? праша Виктор Ших, професор по политички науки на Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего.
„Кој знае? Но, тоа секако покажа дека владата не мора ни да го уапси директорот за да избрише десетици милијарди долари од пазарната вредност на компанијата. Треба само да објави некакви информации. Она што се случи вчера беше секако јасна илустрација на моќта“, рече тој вознемирено.
Иако случајот се покажа како грешка, тој одлично ја илустрира климата во која живеат и работат кинеските претприемачи. Џек Ма не се изјасни за време на кризата, а генерално со години молчи и се држи подалеку од очите на јавноста.
До пред години беше сосема непознат професор по англиски јазик, но по успехот на Alibaba, кој му донесе статус на милијардер, стана многу популарен, па го доби прекарот „Daddy Ma“. Поволната позиција во општеството ја загуби во 2019 година кога беше откриено дека е поддржувач на системот „996“, кој во Кина значи работа од 9 до 21 часот шест дена во неделата, а на него се спротивставуваат многу млади работници.