Американскиот гигант за електронска трговија „Амазон“ оствари најголем квартален приход на сите времиња во четвртиот квартал од минатата година, што за прв пат ја надмина границата од 100 милијарди долари.
Компанијата во деловниот извештај навела дека во кварталот октомври-декември 2020 година, забележала приходи од 125,56 милијарди долари, како резултат на бранот празничен шопинг и порастот на купувањето преку Интернет, поради пандемиските мерки што го ограничија движењето на луѓето, пренесува CNBC.
Кварталната добивка е двојно поголема од предвидувањата на аналитичарите и изнесува 14,09 долари по акција. Компанијата Refinitiv, која собира и продава финансиски информации, предвиде дека профитот ќе изнесува 7,23 долари по акција.
„Амазон“ во деловниот извештај исто така објави дека Џеф Безос ќе поднесе оставка од функцијата извршен директор оваа година и ќе се пресели на позицијата извршен претседател на компанијата. Тој ќе биде заменет како извршен директор во третиот квартал од Енди Џеси, кој ја води облачната услуга на „Амазон“ од неговото основање.
„Кога ќе ги погледнете нашите финансиски резултати, она што всушност го гледате се резултати на долгорочна кумулативна инвентивност. Во моментов го гледам „Амазон“ како најинвентивен досега, што го прави овој момент оптимален за смена на врвот“, рече Безос во пораката до вработените.
Цената на акциите на „Амазон“ се зголеми за 0,3 проценти во проширеното тргување на Волстрит по објавувањето на финансискиот извештај.
По неколкумесечни големи инвестиции, „Амазон“ соопшти дека очекува трошењето поврзано со коронавирусот да забави на околу 2 милијарди долари во првиот квартал на фискалната 2021 година од околу 4,0 милијарди долари во третиот квартал од минатата година.
„Амазон“ предвидува оперативна добивка за првите три месеци од тековната фискална година што се движи од три до 6,5 милијарди долари и приближно 2,0 милијарди долари во трошоци поврзани со Ковид.
Компанијата проценува дека продажбата во првиот квартал ќе изнесува помеѓу 100 и 106 милијарди долари, што претставува забавување во споредба со последниот квартал од 2020 година, но исто така и зголемување од 33 до 40 проценти во споредба со првиот квартал на 2019 година.