Две години откако американската Републиканска партија започна кампања за казнување на инвестициската компанија BlackRock затоа што инсистираше на тоа дека климатските промени претставуваат финансиски ризик, инвестициски фондови со седиште во Тексас повлекоа околу 13,3 милијарди долари од најголемиот менаџер на средства во светот.
Ова одговара на износот од околу 0,1 отсто од средствата што ги има BlackRock (10.000 милијарди долари), а некои републикански државни пензиски фондови сè уште имаат повеќе од 20 милијарди долари инвестирани во компанијата. BlackRock објави 138 милијарди долари нето прилив во САД минатата година, пишува Фајненшл тајмс.
Повлекувањето од 13,3 милијарди долари ја вклучува и минатонеделната најава на Перманентниот училишен фонд од Тексас дека ќе повлече 8,5 милијарди долари на крајот на април, што е најголема сума досега од републиканските пензиски фондови.
BlackRock се обидува да одговори на кампањата против еколошките, социјалните и општествените (ESG) фактори на различни начини. Компанијата беше ко-домаќин на инвестициски самит во електричната мрежа во Хјустон со највисоките претставници на Тексас минатиот месец. Властите претходно изразија загриженост за употребата на ESG факторите на BlackRock во своите инвестиции.
Конзервативните напади на прашањата за климатските промени се совпаднаа со обновената претпазливост на BlackRock и другите менаџери на средства за учество во индустриски сојузи кои сакаат да се справат со климатските промени.
Одливот започна во 2022 година, откако американската сојузна држава Западна Вирџинија го вклучи BlackRock на списокот на финансиски фирми за кои се смета дека ги бојкотираат компаниите за фосилни горива. Тој пример го следеа Тексас, Флорида, Мисури и други држави со републиканско мнозинство. Кампањата пропадна во Кентаки, каде што официјалните лица не сакаа да ги повлечат парите од пензиските фондови од BlackRock.