Американски разузнавачи: Израел подготвува можен напад врз иранските нуклеарни постројки

од Milan1
6 прегледи

Новото американско разузнавање укажува дека Израел ја разгледува можноста за воен напад врз иранските нуклеарни постројки, велат претставници на Соединетите Држави запознаени со ситуацијата.

Повеќе извори потврдија дека е забележано зголемено ниво на израелска воена активност, вклучително и движење на воздушна муниција и завршување на големи воени вежби, што се толкува како потенцијална подготовка за напад, пишува Си-ен-ен.

Исто така, беа пресретнати комуникации кои укажуваат на сериозно разгледување на тоа сценарио во израелското воено и политичко раководство.

Надлежните посочуваат дека сè уште не се знае дали одлуката за нападот е конечна, но оценуваат дека веројатноста за израелска акција „значително се зголемила“ во последните месеци. Клучниот фактор за донесување на таа одлука е исходот од американско-иранските преговори за ограничување на иранската нуклеарна програма.

„Ако Израел процени дека САД се движат кон договор кој нема да ги отстрани залихите на збогатен ураниум од Иран, веројатноста за напад дополнително се зголемува“, изјави американски функционер запознаен со разузнавањето“, пренесува Танјуг.

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп претходно постави рок од 60 дена за успех на преговорите, кој во меѓувреме истече. Во моментов нема американски предлог кој добил конечно одобрение од Трамп, додека за оваа недела во Европа се планирани нови рунди преговори.

Според проценките на САД, Иран е во најлоша воена позиција во последните децении, по израелските напади врз ракетните капацитети и противвоздушната одбрана во октомври, како и по економските последици од санкциите.

Сепак, американски извори забележуваат дека Израел не може сам да ја уништи иранската нуклеарна програма без американска логистичка и техничка поддршка, вклучително и воздушно полнење гориво и специјализирани бомби за длабоко закопани објекти.

Израелски извори наведуваат дека во случај на „неприфатлив договор“ меѓу Вашингтон и Техеран, тие би биле подготвени да дејствуваат дури и без поддршка од САД.

„Поверојатно е Израел да нападне за да го саботира постигнувањето на лошиот договор отколку да чека негов потпис“, изјави извор од американската разузнавачка заедница.

Според претходните проценки на американските разузнавачки служби, израелскиот напад би можел да ја забави, но не и трајно да ја запре иранската нуклеарна програма.

Слични содржини