Германија, која претседава со Групата седум индустриски најразвиени земји (Г7), денеска се огради од верувањето на САД во претстојниот руски напад врз Украина и повика да „не се прават не претпоставки” за идните одлуки на Москва.
– Во кризна ситуација најлошо нешто е да се претпостави или да се обидеме да сфатиме што ќе се случи, рече германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, по состанокот на министрите за надворешни работи на Г7 во рамките на Минхенската безбедносна конференција.
Таа рече дека е важно одблиску да се погледне ситуацијата на теренот.
Како што пренесе Бета, Бербок на овој начин се покажа како многу помалку сигурна од официјален Вашингтон, кој вчера посочи дека наскоро се очекува напад од Русија.
– Не знаеме дали веќе е одлучено да се изврши напад, но заканата за Украина е реална, рече Бербок.
На прашањата за американските тврдења, таа рече: „гледаме дека има различни сценарија”.
– Подготвени сме да се соочиме со секоја ситуација. Во исто време, правиме се за таа ситуација да не се случи. Пред сè, треба да внимаваме да не станеме жртви на насочени дезинформации, предупреди шефицата на германската дипломатија.
По состанокот, министрите од Г7 (Германија, Франција, Велика Британија, САД, Јапонија, Канада и Италија) потврдија дека се „обединети” и решени да реагираат на секое нарушување на украинскиот суверенитет.