Андонов: Обвинувањата за геноцид се претерани, недостасува елементот на масовни убиства

од Маја Анчевска
348 прегледи

Во тек на вооружен судир (војна) во било каков облик можноста да се случат воени злосторства е многу веројатна. Впрочем, самата војна е злосторство и според меѓународното право и повелбата на ООН претставува кривично дело и истата е забранета, вели за „Локално“, професорот Оливер Андонов од Воената академија, експерт за мир и разрешување конфликти.

Дали навистина се извршени воени злосторства во Украина, Андонов смета дека е прашање кое токму преку започнување на војна и вооружен судир се потврдува.

– Во однос на конкретните случувања во Буча не можеме да зборуваме за нивна издржаност или неиздржаност, односно вистинитост или невистинитост. Причината за тоа се потполно спротивставените информации кои ги добиваме и од двете страни дури и преку снимени материјали. Секако од почетокот на војната во Украина и двете страни зборуваат дека спротивната страна извршува воени злосторства, а при тоа изнесуваат за нив издржани докази најповеќе на социјалните мрежи. Прва жртва во војната е вистината, а посебно во современите комуникациски можности и пласирање на информации сите информации и обвинувања може да ги сметаме за издржани или неиздржани, а вистината ќе можеме да ја видиме дури многу подоцна, вали Андов, додавајќи дека ставовите во врска со темата се негови лични, а не на Воената Академија.

Според него во овој момент единствена непобитна вистина која потврдува воено злосторство е самата војна и агресијата кои се противправни.

– Обвинувањата за геноцид се малку претерани, бидејќи геноцидот има повеќе облици, а особено недостасува елементот на масовни убиства на мирно-цивилно население врз етничка, религиска или културолошка основа. Засега имаме информации за поединечни прекршувања на одредбите на меѓународното воено право во извршувањето на борбените дејствија кои може да се детерминираат како воени злосторства сторени од поединци. Дали постои планско и систематско делување (освен самиот почеток на агресијата-војната) како и командна одговорност е основната информација која е потребно да се има за да може да се заклучи дали имаме на сцена воено злосторство до степен на геноцид, посочува професорот.

Професорот посочува дека на меѓународната сцена во меѓународните односи не постои имунитет за заштита од започнување на војна-агресија или командна одговорност за сторени воени злосторства.

– Секако дека може да им се поднесат кривични пријави за воени злосторства почнувајќи од одговорноста за самиот акт на агресија. Основното прашање е како во пракса тие би одговарале за сторените воени кривични дела, односно кој би ги предал на судење и кој би ги судел, бидејќи Русија може да не соработува со меѓународниот суд што е и за очекување да се случи, додава професорот.

Професорот е категоричен дека деталното научно објаснување за тоа што е воено злостоство ќе значи објаснување на научен труд.

– Секое нарушување – прекршување на обичаеното воено право и при тоа убивање, малтретирање, осакатување, принудување на цивилно население, заробени или ранети борци, без разлика на нивниот пол, верска или национална припадност се третира како воено злосторство без обзир на тоа за колкав број на злоставувани лица се работи, објаснува низ примери Андонов.

Дециден е дека основниот начин на гонење на осомничените воени злосторства е преку меѓународниот кривичен суд.

– Сепак обврска за гонење на осомничените воени злосторства имаат и домицилните судови на завојуваните страни за припадниците на нивните вооружени сили кои извршиле воени злосторства, при што задолжително се истражува командната одговорност покрај личната одговорност, бидејќи командантите и командирите на единиците на терен се задолжени за почитување на одредбите од меѓународното воено право од страна на нивните потчинети и може да одговараат за сторените кривични дела-воени злосторства од страна на нивните потчинети, посебно доколку не презеле мерки за спречување на тие дела или пријавување на сторителите. Кривичниот прогон на поединци за сторени кривични дела – воени злосторства зависи пред се од домицилните судови и се однесуваат на поединечни воени злосторства, но не и на командната одговорност и геноцид при што меѓународниот кривичен суд има одговорност, појаснува Андонов.

М.А.

Слични содржини