Центарот за управување со кризи (ЦУК) беше недоволно функционален, денеска успеавме многу работи да промениме на подобро, иако е потребно негово континуирано унапредување, истакна директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов на денешната прес-конференција на која беа презентирани активностите, достигнувањата и проблематиките на кои во иднина треба да се работи. Ангелов оцени дека благодарение на активностите и заложбите, Центарот за управување со кризи станал препознатлив кај граѓаните.
– Направивме раководен тим кој имаше идеја како понатаму да го води Центарот за управување со кризи во насока на отстранување на затекнатите и детектирани слабости и нивно надминување. Единствен ресурс кој го имаме е човекот, затоа две години подоцна можам да кажам дека во ЦУК има извонредни професионалци со одлично образование и искуство, бидејќи кога дојдовме со заменикот затекнавме несоодветна распореденост на работни места, луѓе без соодветно образование. Кога дојдовме на позиција со заменикот Екрем Зендели, Центарот не беше препознат во јавноста и јавноста многу малку знаеше за него, изјави Ангелов.
Тој информира дека за две години биле или наскоро ќе бидат унапредени вкупно 92 лица, посочувајќи дека за споредба само 42 лица претходно биле унапредени за 15 години. Според него, на овој начин успеале да обезбедат стимулиран и мотивиран кадар.
– Исто така, успеавме да реновираме 12 подрачни канцеларии на ЦУК, воедно моментно работиме на формирање за центар за обука и во овој момент една поранешна воена амбуланта која е дел од касарната во Куманово, која беше комплетно руинирана, благодарение на донација од 520 000 евра на Американската амбасада се работи на целосно реновирање. Ќе добиеме илјада квадратни метри на три ката и очекуваме до март овој објект да биде целосно реконструиран и во него ќе биде сместено одделението на ЦУК во Куманово, истакна тој.
Во однос на секторот на бројот за итни повици – 112, Ангелов рече дека вработиле 50 лица, а граѓаните биле задоволни од услугата. Тој оцени дека секторот 112 функционира одлично и информира дека прима околу 1 500 повици дневно.
– За жал 80 отсто од овие повици се лажни, некои се злонамерни – помалиот дел, а другиот се ненамерни и погрешни, луѓето бараат други видови на услуги, но и во тој случај ги пренасочуваме граѓаните. На овој начин ги растоваруваме останатите служби, како полицијата и итната медицинска помош, заклучи Ангелов.
Тој информира дека со донација на романската Влада од 20 000 евра, во тек е и постапка за реконструкција на главната зграда на ЦУК за која оцени дека е во лоша состојба.
Ангелов порача дека и покрај успешните раководења со Центарот, сè уште има сегменти на кои треба да се работи.
– Потребна е мултифункционална специјална единица за потрага и спасување и противпожарна единици, набавка на медикоптери, во неколку случаи ги користиме полициските, но тие како и армиските имаат друга намена. Нам ни требаат медикоптери, преуредување на законските решенија заради засилено користење на постоечките доброволни спасувачки и планинарски служи, како и целосна обнова на системот за тревожење, изјави тој.
Во однос на најавата на Град Скопје за санирање на 36 мостови, Ангелов рече дека тоа е добра иницијатива, имајќи предвид дека низ градот постојат мостови кои се „сериозна закана за граѓаните”.