Во Годишниот извештај за индексот на родова еднаквост во финансиските институции, којшто вчера го објави британскиот тинк-тенк ОМФИФ, е објавено специјално излагање на гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, како претставник на централнобанкарската заедница. Во излагањето, таа се осврнува на значењето на родовата еднаквост за продуктивноста и остварувањата на економиите, коментирајќи ги и актуелните состојби на глобален план.
Ангеловска-Бежоска пoсочува дека половина од работоспособното население во светот се жени, но само 50% од нив учествуваат во работната сила. Притоа, нагласува дека разликите во пристапот до образование, здравствената заштита, финансиите и технологијата, законските права и социјалните и културните фактори, се ограничувачки фактор за остварување на целосниот потенцијал на жените. Истовремено, во излагањето е напоменато и дека пандемијата создаде дополнителни предизвици за жените, имајќи ја предвид нивната релативно голема вклученост во најпогодените сегменти на економијата.
„Нееднаквите можности за жените доведуваат до помала продуктивност и помал раст на економиите. Се проценува дека економската загуба се движи од 10% од БДП во напредните економии до повеќе од 30% во земјите со низок доход. Ова не треба да нѐ изненади, бидејќи истражувањата укажуваат дека поголемата активна присутност на жените на пазарот на трудот носи економски придобивки.“ – истакнува гувернерката, притоа упатувајќи и на попретпазливото постапување со ризиците, промислувањето и прагматизмот – особености коишто во истражувањата и анализите се поврзуваат со придонесот на активностите на жените во економиите.
Како што е наведено во Извештајот, само 18 централни банки на глобално ниво се предводени од жена, а само кај 16% од централните банки, во нивниот совет или во одборот или комитетот за монетарна политика членува жена.
Ангеловска-Бежоска посочува дека во нашата централна банка, жените сочинуваат 57,7% од тимот, а дека жени се на 68,4% од раководните позиции, вклучително и две вицегувернерки. Притоа, таа нагласува дека ваквата полова структура на тимот се должи на политиката на централната банка којашто се заснова на остварувања и вештини на професионалците коишто го сочинуваат тимот.
„Зајакнувањето на можностите за жените значи обезбедување еднаков и непречен пристап до образование и финансии и ослободување од културни и социјални бариери.“ – нагласува гувернерката, упатувајќи и на согледувањата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Стратегијата за родова еднаквост на Европската комисија за периодот 2020-2025 година.
Во завршницата на излагањето, Ангеловска-Бежоска порачува: „Уверена сум дека со поддршка и еднаков пристап, жените ќе ги зголемат потенцијалот на економиите и благосостојбата во општеството.“
Инаку, Извештајот на ОМФИФ укажува дека помалку од 1% од водечките глобални финансиски институции имаат остварено родова рамнотежа. Само 2,2% од финансиските институции во глобални рамки имаат постигнато ниво на индексот што покажува дека институцијата е близу до постигнување полова рамнотежа во тимот.
Заклучоците од презентираниот индекс, како што соопштија вчера и од ОМФИФ се јасни: недостатокот на родова рамноправност во финансискиот сектор е структурен, постојан проблем, без разлика дали е во јавниот или приватниот сектор. Потребни се прогресивни политики за да се поправи историската недоволна застапеност на жените и да се изедначат можностите во просторот за делување и деловно остварување.