Анима Мунди: Македонија одбива меѓународна помош во стерилизација на животни од „World vet“

од desk3

 

Должни сме да ја информираме јавноста дека минатите неколку месеци успеавме да обезбедиме меѓународен интерес и понуда за помош во надминување на проблемот со прекубројноста на кучиња преку волонтерски и стручен ангажман од страна на “World vet” www.worldvets.org.

kuce6-640x480

“World vet” е мрежа на стручни и искусни ветеринари од светот кои со мобилни ветеринарни клиники спроведуваат и управуваат програми за директна ветеринарна помош на животните пред се во подрачја на катастрофи, места каде благосостојбата на животните е загрозена како и програми за едукација на населението.

“World vet” се предводници во доменот во кој дејствуваат и како такви имаат долгогодишно искуство во 42 држави во светот, на 6 континенти (Европа, Северна и Јужна Америка, Азија, Африка, Австралија) при што драстично придонеле во заштитата и благосостојбата како на луѓето, така и на животните. Тие се препознаени по исклучителната стручност, влијание и придонес во надминување на проблемите кои ја засегаат јавната безбедност и здравствена заштита и на животните и на граѓаните.

И секаде се добредојдени – како во најразвиените земји на ЕУ, така и во светот.

Во илјадници повици кои ги добиваат како понуда за соработка, преку посредство на наша иселеничка Ана Миладинова на која и сме исклучително благодарни, ние успеавме да ги заинтересираме да дојдат во Република Македонија – но тука за нивни директни интервенции нема доволен интерес ниту законско решение.

Поточно тие понудија да не вметнат во нивната програма за 2016 година
и испратат свои мобилни ветеринарни болници – искусни и квалификувани ветеринарни тимови
и специјални возила, мобилни вет. болници, за да спроведат бесплатни ветеринарни интервенции (стерилизации и лекување) како и едукативни кампањи за населението и консултации за одговорно чување на милениците. Колку за ориентација – во само три дена, можат да извршат минимум 150 операции и лекување до 300 дополнителни животни.

Информираме дека иако ваквата интервенција е од национален интерес, значајна за здравствената заштита на животните и непосредно на граѓаните, а воедно претставува единствена можност за заштеда на и така ограничените финансиски средства на буџетот на Република Македонија, мобилните ветеринарни тимови од “World vet” кои се добредојдени во целиот свет, не можат да добијат дозвола за спроведување на директни ветеринарни интервенции во Македонија и на тој начин да овозможат силна и директна помош кај нас, на начин на кој помогнале и во 42 други другите земји на светов. Согласно одговорот кој го добивме од Ветеринарната комора на РМ и консултации со АХВ, не постои можност да дојдат и да оперираат- туку само да консултираат.

За ова моравме да ги известиме “World vet” кои изразија чудење и разочараност, за што ни посакаа и многу среќа во иднина..

Среќа дефинитивно ќе ни треба со ваквата законска уреденост во Република Македонија!

Ова е веќе втора прилика која ни минува низ прсти (првата од ЕНПА, најсилната италијанска организација која понуди стерилизации за бездомни кучиња), прилики кои би ги прифатиле многу други богати држави, но не и Република Македонија.

Анима Мунди залудно се обидува да обезбеди помош за животните, за граѓаните, за државата, кога на крај се е законски оневозможено. Ова треба да го знаат сите оние кои бараат виновник зошто со децении не е решен проблемот со бездомните кучиња.

Прашуваме, толку ли нема начин да се дозволи интервенција и директна помош која е исклучиво наш интерес, интерес на државата и на граѓаните? Во услови во кои живееме смееме ли да си дозволиме да одбиеме една ваква помош, помош која ќе отвори нови можности во иднина?

Бараме јавно уште еднаш да се ревидира оваа можност додека уште не е сосема доцна, да смогнеме напори, да ја искористиме.

Слични содржини