Атанасовски: Руската политичка елита низ вековите гледала на Западот со презир

од Маја Анчевска
404 прегледи

-Очигледно светот (Европа), оди кон нови геополитички односи и разместувања на сферите на влијание, после крвавата руска воена агресија врз Украина, украинскиот народ и украинскиот територијален интегритет и суверенитет. Советот на Европа е една од  ретките институции, на стариот континент, во кој членуваа сите европски држави со исклучок на Белорусија, но по овој потег на руската дипломатија и надворешна политика, очигледно е дека во иднина нема да биде така. Се повеќе Руската федерација ќе станува евроазиска и азиска земја, наместо европска, и тоа ќе оди на штета на сите, од економска, безбедносна, политичка, културолошка и од секаква  друга  призма. Штета ќе трпат и руските граѓани, и граѓаните на земјите членки на Европската унија, секако дека штета, особено економско-стопанска ќе трпиме и ние и нашата мала извозно и увозно зависна национална економија, вели во разговор за „Локално“, аналитичарот Благојче Атаносовски во врска со за изјавата на Русија дека повеќе нема да учествува во работата на Советот на Европа, бидејќи смета дека оваа институција станува „платформа на западниот нарцизам“ и „субверзивни активности кон Москва“.

Во однос на тоа дали Русија со терминот  „западен нарцизам“ ,  упатуваат и еден вид навреда и кон жителите  на Западот, аналитичарот смета дека така го поимаат затоа што очигледно  станува збор за два различни политички, економски и културолошки системи и светогледи.

– Западот почива на либерална демократија, човекови права и слобода на говор и медиуми, овие на авторитарни режими, „левијатан“ држава, нарушени или никакви човекови права и слободи, медиумска тоталитарна контрола, водена од  државниот апарат. Руската политичка елита, од секогаш низ вековите гледала на Западот со презир, токму поради западните вредности и параметри на општественото живеење, бидејќи прво не биле иманентни и својствени за рускиот дух, начин и култура на живеење, и второ се плашеле истите тие да не бидат „наметнати“, вели Атанасовски.

Тој е поборник, да има што побрзо договор, бидејќи секој спасен живот вреди многу повеќе од тоа кој „колку територија контролира “.

– Сепак, работите се отидени предалеку, станува збор за едно манијакално его и суета на рускиот претседател, така што не верувам дека некаков си разум би преовладал и би се постигнал прекин на огнот, макар и како привремено решение. Најжално е за украинскиот народ и граѓаните на Украина, кои доколку утре прекине војната, ќе се борат со децении да ги надоместат последиците од секаков аспект, а најтешки ќе бидат психолошките. Ние како мала држава , најмногу ќе страдаме економски: дигнувањето на цената на гасот, енергенсите на светските берзи, нормално нема како да не заобиколи и нас, што значи ќе имаме инфлација и истенчување на и онака слабиот финансиски буџет како потрошувачка кошничка во месецот, но уште поголеми штети ќе трпат нашите земјоделци и стопанственици кои во овие години рускиот пазар им беше традиционален за пласман на нивните производи, објаснува Атаносовски.

И покрај тоа што не треба да се „радуваме,  на туѓата несреќа за наша среќа, според аналитичарот можно е западните сојузници, под притисок на САД, конечно да го забрзаат нашиот евроинтегративен пат,  но од друга страна ќе дојде до судир на европски и руски интерси, што значи почеток на Студена војна.

–  Прво да ја „вразумат“ Бугарија, да го тргне антицивилизациското вето кое го употреби како инструмент на самата Унија и не блокираше нас и како колатерална штета Албанија, но и потоа да бидеме ставени на брзи шини кон полноправното членство во Унијата, бидејќи крваво-воените настани во Украина, дефинитивно ќе значат барем едно: крај на досегашниот светски поредок, и нова распределба на сферите на влијание и интерес. Европските земји ќе бидат похомогени ( затоа е потребна многу побрза интеграција на земјите од Западен Балкан), додека Русија ќе влегува во пактови со азиски земји: Кина во прв ред, може би и Индија, но и ќе ја зацврсти, а може би и прошири евроазиската унија во која денес членуваат освен Русија, Белорусија, Казахстан, Ерменија и Туркменистан, со други постсоветски земји и земји од своето најблиско опкружување, како еден вид на одбранбен систем или „брана“ од ширењето на НАТО и Американците на нивните граници. Со  тоа новата студена војна на 21-виот век, официјално започна.

M.A.

Слични содржини