„Тоа што го кажуваат Талибанците за правата на жените и она што тие го прават, во пракса се две различни работи. Девојките нема да можат да учат. Жените во Кандахар ќе мора да ги напуштат своите работни места, да си одат дома и да бидат заменети со машки членови на семејството“, рече учителката и активист за човекови права, Паштана Дурани.
„Талибанците сакаат да бидат прифатени како легитимна влада во Авганистан, но во пракса тие или немаат контрола врз своите војници или навистина сакаат легитимитет, но не сакаат да се потрудат околу тоа“, додаде таа.
Во интервју за Би -Би -Си, таа повика на појаснување кои права на жените се прифатливи за исламистичката група.
„Секојпат кога зборуваат за правата на жените, тие се многу нејасни. За кои права зборуваме; правата за движење, социјалните права, нивните политички права, правото на глас? Дали сите овие права се прифатливи за Талибанците или само некои?“, прашува Дурани.
„Исто така, кој ќе ги претставува жените во оваа нова влада, кој ќе преговара со владата во име на жените? И зошто нема жени во владата? Исто така, постои и проблемот со образованието. Кога Талибанците велат дека девојчињата ќе можат да одат на училиште, дали тие зборуваат за класичната наставна програма или само верска? Тие нудат многу збунувачки и нејасни изјави и немаат конкретен план; или барем не го презентираат. Па така, јас не би им верувала кога станува збор за женските права“, рече активистката.
Дурани рече дека сега е на тајна локација и се плаши за својот живот, но дека сепак нема да молчи.
„Некој мора да зборува за ова. Мора да разбере дека жените нема да бидат замолчени. Денес се работи за моето образование, утре за едукација на мојата лекарка или сестра ми. Денес ќе ги земе моите правата, утре на ќерка ми. Така, јас мора да се борам денес за следната генерација де не мора да се соочи со сите овие проблеми “, рече Дурани.