Сакаме да имаме туризам, а енергијата ја насочуваме на погрешна страна, пишува во својата редовна колумна претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.
„За да имаме туризам, потребни се дијалог, визија и стратегија за реализирање на визијата; време за посериозни подготовки на квалитетен и на професионален настап; иницијативи и брзо дејствување. Но најважно од сè е тоа да го спакуваме во убава приказна за македонската туристичка атракција и успешно да ја продаваме на пазарот. Денес иницијативи има, но, сепак, недостига примена и реализација на активностите“, истакнува тој и наведува неколку иницијативи кои треба да се преземат.
1. Иницијатива за нов, попрактичен предлог за претседателската резиденција во Охрид
Во срцето на Охрид се наоѓа охридската Гимназија. Нејзината изградба започнала во 1908 година, според фотографија од француска зграда во неокласицистички стил, а била инвестирана од Ејуп Сабри од Охрид, и сè до 1944 година имала различна намена: турска управа, војничка касарна, општина, училиште со интернат… Но, за жал, во 1939 година двата потпокривни ката биле опожарени и ова здание засекогаш ја загубило вистинската вредност. Во 2006 година, со донација на Светска банка и со логистика на Локалната самоуправа, е извршена реконструкција на зградата, со која е вратен нејзиниот оригинален лик.
Токму тоа е мојата иницијатива – ова прекрасно здание да стане претседателска резиденција, која ќе овозможи поголема пристапност и која ќе може да се вклучи во туристичките претставувања на градот, како што е во секој значаен центар, чии резиденции се наоѓаат на централните локации. Туристите дојдени да уживаат во убавините што ги нуди Езерото ќе можат да уживаат во атрактивноста на претседателската резиденција. Дополнително, посебна атракција би била гардата на претседателот, која ќе ја чува резиденцијата, и менувањето на стражата на припадниците на гардата, која секојдневно, на ритуален начин, како да изведува претстава, би се менувала во исто време. Денешната претседателска резиденција се наоѓа далеку од центарот на градот, скриена од јавноста, непристапна за заинтересираните туристи кои сакаат да ја видат, чувана од голем број лица, а толку малку користена за целта за која е изградена.
2. Да се вратиме кон старите занаети – да се обнови Длабокорезбарската школа во Охрид
Во рамките на постојаните залагања за афирмирање на занаетите и за унапредување на практичните знаења и вештини во стручното образование, треба да им дадеме живот на старите занаети – да ја обновиме и повторно да ја отвориме Длабокорезбарската школа. Ова значи можност за афирмирање на македонската резбарска школа, но и можност за афирмирање на подзаборавените занаети, кои и за резбарите, кои во своите резби оставаат парче од својата душа, и за градот, значат дополнителна економска придобивка, а истовремено ќе бидат вистинска атракција за туристите. Длабокорезбарската школа, од друга страна, би ја поттикнала можноста за финансиска поддршка и за донации на многубројни домашни и меѓународни институции и организации, кои сакаат да вложуваат во занаетот, уметноста, талентот и во љубовта кон убавото.
3. Здравствениот туризам во Охрид – неискористен потенцијал, но и потреба за развој
Охрид во осумдесеттите години можеше да се гордее со неколку специјализирани болници, кои беа почетокот на здравствениот туризам. Покрај општата болница, постоеше и специјализирана болница за ортопедија и трауматологија, во која оперираа неколку врвни здравствени авторитети од светот, предводени од нобеловецот д-р Илизаров, најпознат во светот по методот за продолжување на екстремитетите кај децата. Неговиот ангажман во оваа болница привлекуваше повеќе од илјада пациенти од странство годишно, што беше врв на здравствената институција. Постоеше и Завод за рехабилитација за срцеви заболувања, како и Специјализирана установа за детски заболувања. Ако на тоа му се додадат и Центарот за нефрологија, на 10 минути од Охрид, и Болницата за белодробни заболувања во Отешево, на 30 минути од Охрид, слободно можам да кажам дека таква концентрација на специјализирани здравствени установи немаше никаде на просторите во СФРЈ. Денес, дел од нив, егзистираат на работ на рентабилноста. Немаат врвни светски имиња, немаат странски пациенти и, нормално, немаат девизи. Но, има пример што може да се обнови. Охрид се наоѓа на границата на две држави кои претендираат за влез во Европската Унија и ако се отворат границите, тоа може да биде потенцијал за привлекување странски пациенти, што ќе биде додадена вредност за економски развој на државата. Тоа е и суштината на оваа иницијатива!
Овие иницијативи нека бидат поттик за сите добронамерни луѓе да ги изнесат своите, бидејќи во последните 30 години има дефицит на иницијативи, вели Азески.
Додава и дека еклатантен пример за неодговорното и непрофесионално однесување е меѓународниот пат Охрид – Свети Наум, кој поврзува две држави кои претендираат да бидат членки на Европската Унија.
„Изграден кон крајот на шеесеттите години, и денес претставува сериозна опасност за секој патник, за секое возило и пример за човековата негрижа, за што никој не одговара. Целината на трасата не е променета 50 години, освен со два исклучока, со кои, практично, е задржан костурот на неговата почетна градба. Широк само 5,5 метри, подјаден од сите страни, со што неговата ширина не изнесува ни 4 метри, со неколку свои нерамнини, бил причина за смртта на многу невини луѓе, за уште поголем број повреди и за огромни материјални штети. Нема поголема негрижа од тоа непрегледноста на патот да може да биде решена со получасовна интервенција на една обична градежна машина, а да не се направи тоа“, истакна Азески.