Азески: Ветувањата за изборите се како југо, а расположливите средства како кифла

од Vladimir Zorba
638 прегледи

„Има една песна на групата „Студени нозе“ во која се опишува дека „нивното куче е поголемо од кифла, а помало од југо“ што алегорично претставува олицетворение на нашава кампања за локалните избори, во која, ако се соберат сите ветувања за разни проекти во општините и се претворат во бројки ќе се добие цифра поголема од бруто домашниот производ, а во стварноста реалните средства што се однесуваат на локалната самоуправа, изнесуваат само 5% од него. Тоа значи дека ветувањата се како југо, а расположливите средства како кифла“, вели претседателот на Стопанската комора на С.Македонија, Бранко Азески во својата колумна.

„Од друга страна, зачудувачки е фактот што во настапот на стотиците кандидати за советници и градоначалници, зборот децентрализација не се споменува воопшто, а и врапчињата во Македонија знаат дека инвестициската активност на општините надвор од трансферираните средства од државниот буџет се доволни само за правење тротоари. Така, со доаѓањето на секоја нова власт, имаме прекопување на тротоарите, затоа што сите знаат дека со тие пари, тоа единствено е можно.

Вкупните расходи на единиците на локална самоуправа во Македонија изнесуваат околу 5% од БДП, наспроти ЕУ просекот од 15,6%, а кај земјите од регионот на Западен Балкан се околу 6%. Дополнително, наследените и изострени проблеми поврзани со нерамномерниот регионален развој, лимитирачки влијаат врз рационалното користење на расположливите производствени ресурси и на развојот, не само на регионите, туку и на земјата во целост, а овластувањата кои локалните власти ги имаат во моментот не оставаат простор за подобрување на состојбите.

Во вакви услови, кога општините немаат доволни овластувања, финансиски средства, ниту квалификуван кадар за спроведување на нивните основни овластувања, речиси е невозможно да се размислува за зајакнување на активностите кои општините би можеле да ги преземаат за унапредување на локалниот економски развој, а со тоа и постигнување економски раст и развој на државата. Од овие причини, потребно е целосно да се спроведе процесот на сеопфатна реформа на локалната самоуправа, кој ги вклучува прашањата за децентрализација на власта, фискална децентрализација, територијална организација, но и јакнење на капацитетите на општините. Иако бизнис заедницата е свесна за состојбите и ризиците кои би можел да ги покрене ваквиот процес, неопходно е да се изнајде соодветно решение за ова прашање, на начин, што ќе обезбеди забрзан локален економски развој и тоа веќе не смее да трпи одлагање. А избраните градоначалници уште во првата недела на својот мандат ќе се соочат со претходно кажаното.

Што се однесува до новиот економски модел којшто Комората го предложи во 2010 година, според кој требаше да обезбедиме повисок економски раст, потребни беа коренити реформи за отстранување на неколку пречки и кочници за развој кои имаат директна импликација врз работењето на приватниот сектор. Меѓу нив беше и прашањето на децентрализација на власта. Надвор од Скопје имаме катастрофална економска ситуација. Со вакви мали буџети на општините залудно е да очекуваме поголема инвестициска активност, а без инвестициска активност на општините, не може да има ни поголем пораст на БДП. Сега, откако конечно го симнавме од дневен ред прашањето за пописот, кој 20 години ни нанесуваше срам, не смееме да дозволиме тоа да ни се случува и со децентрализацијата.

Не е мал бројот на граѓани во нашата држава коишто знаат дека до 1990 година имаше само 35 општини кои имаа и изворни приходи на финансирање и локални влади (извршни совети), но и многу повисоко ниво на инвестиции, развој и животен стандард. Затоа, денеска пред да го поставиме клучното прашање: зошто ни се иселуваат младите во странство?, треба да го поставиме посуштинското прашање: зошто сите млади од внатрешноста се иселија во Скопје? И зошто во општините останаа само старите, изнемоштените да ги чуваат огромните индивидуални згради коишто личат на „страшила“ и навечер е осветлена само една соба каде се евоцираат спомени за времињата во кои општините беа значаен фактор во животот на граѓаните?

И на вакви факти, зачудувачки е, што ниеден човек кој утре претендира да ја води локалната власт во Македонија јавно да не прозбори за децентрализацијата која е клуч за било каков напредок на општините.

П.с. Лично сметам дека должност ми е, после десетиците иницијативи на најголемата и најбројна бизнис-заедница околу процесот на децентрализација, да го изнесам ова во јавност и да поттикнам дебата, барем во последната недела од кампањата, за едно прашање без чие реализирање, ветувањата коишто секојдневно ги слушаме ќе бидат обична весела математика, односно што би рекол нашиот народ „сметка без крчмар“. А за енергетската криза веројатно бизнисот ќе причека да заврши кампањата за локалните избори, како и секогаш до сега, додава Азески.

Слични содржини