Индискиот премиер Нарендра Моди, претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен и американскиот претседател Џо Бајден денеска на Самитот на Г20 го претставија планот за изградба на железнички и поморски коридор, со кои Индија бои се поврзала со Блиски Исток и Европа.
Проектот е дел од иницијативата „Партнерство за глобално вложување во инфраструктурата“. Предвидено е коридорот да помогне во зајакнување на трговијата, транспортот, енергетските ресурси и подобрување на дигиталната поврзаност, а ќе бидат опфатени Индија, Саудиска Арабија, Обединети Арапски Емирати, Јордан, Израел и Европска Унија.
Железничкиот и поморскиот коридор би помогнал физички да се поврзе огромен дел од светот, да се подобри дигиталната поврзаност и да се овозможи поголема трговија меѓу земјите, вклучително и енергетски производи како што е водородот. Иако претставниците на Белата куќа не поставија краен рок за неговото завршување, коридорот би претставувал физичка и идеолошка алтернатива на кинеската инфраструктурна програма „Појас и пат“. Белата куќа не соопшти детали за тоа како ќе се финансира проектот.
– Проектот ја одразува визијата на Бајден за далекусежни инвестиции кои произлегуваат од ефективното американско лидерство и подготвеноста на САД да ги прифатат партнерите, изјави советникот на Бајден за национална безбедност Џејк Саливан.
Фон дер Лејен го опиша проектот како „ништо помалку од историски“ и како „економски коридор Индија-Блискиот Исток-Европа“ кој ќе ја забрза трговијата меѓу Индија и Европа за 40 проценти.
Проектот ќе вклучува железничка врска, како и електричен кабел, водороден цевковод и кабел за податоци со голема брзина, а Фон дер Лајен го опиша проектот како „зелен и дигитален мост преку континентите и цивилизациите“.
Најавен е и „Трансафрикански коридор“, кој ќе го поврзува пристаниште Лобито во Ангола со провинцијата Кананга во Демократска Република Конго и регионите за ископ на бакар во Замбија.