Новиот американски претседател Џо Бајден сака да го замени целиот претседателски возен парк и целата флота автомобили на федералните власти на САД со електрични возила произведени во таа земја.
Тоа ги вклучува сите патнички автомобили и лимузини, потоа теренски модели и големи теренски возила, како и камиони кои им служат на Белата куќа и федералните власти.
Ова ќе биде исклучително тежок потфат, бидејќи во 2019 година, американските федерални власти на сите нивоа, како и други јавни служби под јурисдикција на федералните власти, користеа повеќе од 645 000 возила.
Тој број вклучува 224 000 патнички автомобили и повеќе од 412 000 разни камиони и џипови, вклучувајќи само повеќе од сто илјади возила на Поштенската служба на САД, пишува TechCrunch.
Одлуката на Бајден е исто така дел од планот за создавање милион нови работни места во американската автомобилска индустрија. Сепак, покрај навистина огромниот број на возила, оваа амбициозна транзиција може да биде забавена и од фактот дека голем број федерални возила се поврзани со договори за закуп на флота, но исто така и многу поважен факт – обезбедување соодветна инфраструктура (полначи и услуги ) што би можело да поддржи толку многу возила.
Исто така, иако во моментов е најголемиот производител на електрични автомобили во светот, се чини дека Tesla нема голема корист од овој бизнис.
Имено, бидејќи Бајден ги поддржува синдикатите на автомобилската индустрија, чија организација Елон Маск се обидува да ги потисне, традиционалните американски производители, како што се Форд и Џенерал моторс, имаат многу поголеми шанси да учествуваат во овој голем бизнис, и покрај фактот што тие не произведуваат електрични возила како Тесла, пренесува Футуризам.
Експертите посочуваат дека потегот на Бајден може да биде исклучително важен и за производителите и воопшто за популаризација и проширување на електричните возила.