Банките во Италија, Франција и Австрија се меѓу меѓународните кредитори со најголема изложеност кон Русија. Италијанските и француските банки имаат неподмирени побарувања од околу 25 милијарди долари од Русија во третиот квартал од 2021 година, според Банката за меѓународни порамнувања.
Австриските банки имаат 17,5 милијарди долари побарувања, а американските банки 14,7 милијарди долари.
Поради стравувањата од можна руска инвазија на Украина, италијанската UniCredit се откажа од потенцијалната аквизиција во Русија, а австриската Raiffeisen Bank International ги зголеми своите одредби за да го покрие ризикот од можни нови санкции против Москва.
Најсериозната загриженост на европските банки е поврзана со можноста за прекин на пристапот на Русија до меѓународниот платен систем SWIFT. Според експертите, ваквиот потег би одиграл улога на „атомска бомба“ за индустријата, бидејќи ќе го спречи плаќањето на долговите.
Европските банки со подружници во Русија се најзагрозени од санкции, покажува студијата на JPMorgan. Инвестициската банка идентификуваше неколку европски трезори, меѓу кои италијанската UniCredit, австриската Raiffeisen Bank International, француската Societe Generale и холандската ING, кои имаат значителна изложеност кон Русија.
RBI рече дека нејзината изложеност е податлива, додека ING увери дека е добро подготвена за ризиците. Societe Generale истакна дека внимателно го следи развојот на кризата во Украина и е уверена во својот бизнис во Русија, а UniCredit сè уште официјално не го коментираше ова прашање, пишува „Ројтерс“.
Главната грижа е дека Русија ќе биде отсечена од глобалниот платежен систем SWIFT, кој ги обработува меѓународните финансиски трансфери и го користат повеќе од 11.000 финансиски институции во повеќе од 200 земји. Веќе постои преседан за таков потег – пристапот на Иран до системот беше забранет пред една деценија.
Финансиските институции вклучени во тргување „свопови“, фјучерси, „форварди“ и други деривати со руски договорни страни, исто така, може да бидат предмет на санкции. Забраната за тргување со руски обврзници на секундарниот пазар би значело дека нивните сопственици на обврзници ќе бидат принудени да ги продаваат.