Барние: Се прават последни напори да се постигне договор за трговските односи со Велика Британија

од Vladimir Zorba
270 прегледи

Последни напори се прават во преговорите меѓу Брисел и Лондон за постигнување трговски договор пред 31 декември, кога е одреден последниот рок, изјави пред новинарите европскиот преговарач Мишел Барние.

„Навистина сме во решавачкиот момент, ги правиме последните напори (во преговорите). За десет дена, Велика Британија ќе го напушти единствениот пазар и јас ќе продолжам да работам целосно транспарентно, со европските дваесет и седум и европратениците“, рече Барние во Брисел пред средбата со претставниците на земјите-членки на ЕУ, пренесува Франс прес.

Деветмесечните преговори беа сведени на уште само неколку дена за да се најде компромис за тоа како да се продолжи трговијата со што помалку пречки и тарифи кога Британија ќе ја напушти ЕУ на 31 јануари и кога истекува преодниот рок на крајот на оваа година.

Во последните неколку дена, британскиот премиер Борис Џонсон и претседателот на Европската комисија Урсула фон дер Лејен се повеќе се вклучуваат и разговараа по телефон неколку пати во обид да ги деблокираат преговорите за последната преостаната разлика – прашањето за европскиот закон за риболов во британските води.

Кога Велика Британија ќе ја напушти ЕУ на 1 јануари, ќе ја врати контролата врз дел од нејзините води. Сега и двете страни се обидуваат да добијат што повеќе од тие квоти за риболов. ЕУ наведува дека може да прифати до 25% намалување на квотите, додека Велика Британија сака тоа да биде многу поголемо. Двете страни разговараат и за периодот на транзиција што Џонсон сака да го ограничи на три години, а ЕУ е за седум.

Европскиот парламент вели дека продолжените преговори не оставиле доволно време на Парламентот да го одобри договорот до 1 јануари, а правните можности сега се испитуваат дали евентуалниот договор сепак може да стапи на сила на 1 јануари и да биде одобрен од Европскиот парламент на подоцнежен датум.

Стотици илјади работни места се во прашање за економиите од обете страни доколку не се постигне договор, но Велика Британија продолжува да инсистира на тоа дека суверенитетот е поважен од концесиите со кои им се даваат права на европските бродови во британските води, а ЕУ одбива да го отвори својот единствен пазар за Велика Британија доколку не се обврзе да постапува според прописите на ЕУ.

Слични содржини