САД и Европската Унија подготвуваат дополнителни санкции против Русија, изјави денес францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро.
Баро, пред продолжението на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи во Анталија, Турција, прецизираше дека новите санкции ќе се однесуваат на енергетскиот и финансискиот сектор на Русија, објави Ројтерс.
Неформален состанок на министрите за надворешни работи на НАТО се одржува во Анталија од 14 до 16 мај, а една од темите на дискусија е завршувањето на војната меѓу Русија и Украина.
За денес во Турција се закажани и преговори меѓу делегации од Русија и Украина, чија тема е прекинот на огнот во Украина, а треба да се одржат во Истанбул.
Неколку министри за надворешни работи кои учествуваат на состанокот на министрите на земјите-членки на НАТО изразија незадоволство од перцепираното ниско ниво на руската делегација во преговорите со Украина, кои ќе ги предводи помошникот на рускиот претседател Владимир Путин, Владимир Медински, пренесува Танјуг.