Белата куќа го поддржа ограничувањето на воените овластувања на претседателот

од Stefanija Kuzmanovska
384 прегледи

Белата куќа ги поддржа барањата на одредени членови на американскиот конгрес за укинување на два правни акта кои му овозможуваат на претседателот да употреби воена сила надвор од границите на земјата без одобрување од највисокото законодавно тело на САД.

Такво барање во Конгресот дојде по американските напади врз цели во Сирија, кои беа наредени од претседателот Џо Бајден, користејќи два акта донесени во 1991 и 2002 година.

Барањето за нивно укинување го поднесоа заеднички и демократските и републиканските сенатори, а од Белата куќа беше соопштено дека сакаат донесување на нови правила „со тесна и специфична рамка, која ќе овозможи одбрана на Американците од можна терористичка закана и крај на бесконечните војни“, изјави за медиумите портпаролката на Белата куќа Џен Псаки.

На 3 март, сенаторите Тим Кејн, демократ и републиканецот Тод Јанг поднесоа предлог за укинување на двата законски акта.

Според Уставот на САД, само Конгресот може да одобри влегување во војна, но овие два акта, донесени пред Првата заливска војна и по терористичките напади на 11 септември во Њујорк, им дадоа можност на претседателите да употребат воена сила надвор од земјата.

Бајден го оправда неодамнешниот напад на целите во Сирија како „самоодбрана“, односно одговорот на нападите извршени од групи со поддршка на Иран. Сепак, неговото објаснување не ги убеди конгресмените, кои побараа доказ за законитоста на ваквите постапки.

Слични содржини