Од 1 јануари 2025 година јавниот градски превоз во Белград ќе биде бесплатен, соопшти денеска градоначалникот на Град Белград, Александар Шапиќ. Посочи дека во тек е најголемата реформа во јавниот градски превоз, а следните три години целосно ќе се обнови возниот парк.
„Веќе никој нема да мора да плаќа билет. Нема веќе месечни или годишни билети, нема попусти. Со оваа социјална мерка Белград станува единствениот град во Европа, поголем од 500 илјади жители, кој ќе има бесплатен јавен превоз“, рече тој.
Шапиќ најави дека до 2027 година ќе се обнови возниот парк на целиот јавен превоз, односно на сите автобуси, трамваи и тролејбуси.
„До крајот на идната година на градските улици нема да има автобуси постари од две години. Сега пристигнаа 40-50 автобуси и ќе продолжат и во текот на целата идна година. Ќе пристигнат и првите трамваи, а до крајот на 2027 година си поставивме задача да обезбедиме средства за сите тролејбуси. Можеби звучи невозможно, но многу други работи што денеска се реалност и се направени исто така изгледаа невозможни“, изјави Шапиќ.
Следната година, како што рече, ќе почнат да пристигнуваат првите 25 трамваи што Белград ги купи од Турција.
Посочи дека и на приватните превозници кои работат веќе 30 години во Белград по првпат сега се обврзани да купат нови возила.
Кога станува збор за сообраќајниот метеж, Шапиќ потсети дека во изминатите десет години бројот на автомобили во Белград се зголемил за 250 илјади.
Српската влада, Град Белград и кинеската компанија „Пауер Чајна“ неодамна потпишаа договор за изградба на првата фаза од линијата 1 на белградското метро.
Властите најавија дека белграѓани ќе почнат да се возат со метро од 2030 година.