Рускиот претседател Владимир Путин денес го потпиша законот со кој на белоруските државјани со постојан престој во Русија им се дозволува да гласаат и да се кандидираат на локалните избори, јави Москва тајмс.
Законот произлегува од измените на договорот за меѓусебни права меѓу Русија и Белорусија од 1998 година, кои беа ратификувани во март годинава. Претходно овој месец, измените беа доставени до парламентот, а минатата недела ги одобри и Советот на Федерацијата.
Белорусите во Русија сега ќе имаат исти изборни права на локално ниво како руските граѓани. Слични права веќе им се гарантирани на руските државјани во Белорусија.
Според рускиот претседател, овој чекор ќе придонесе за „подлабока интеграција на Белорусите во рускиот граѓански живот“, а белоруските власти најавуваат дека сакаат договорот да се прошири и на регионално ниво, со цел формирање на заеднички политички простор.
Русија и Белорусија веќе долго време работат на поблиска политичка и економска интеграција, во рамки на Договорот за Сојузна држава од 1999 година, кој предвидува и усогласување на правните системи, заедничка валута и одбранбена политика.