Бербок предупреди да не се шпекулира околу смртта на Пригожин

од Radmila Tasevska
207 прегледи

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок предупреди да не се шпекулира за авионската несреќа во која, според руските власти, загинал Евгениј Пригожин, јави ДПА.

Рускиот регулатор за цивилно воздухопловство Росавијација соопшти дека на списокот од 10 лица во урнатиот авион е и името на лидерот на приватната воена компанија „Вагнер“.

И покрај тоа, ниту Росавијација, ниту кој било друг официјален извор од Руската Федерација, недвосмислено нема кажано дека Пригожин загинал.

-Не треба да избрзувате со заклучоци, изјави Бербок за Радио  „Deutschlandfunk“.

Како одговор на прашањето за иднината на „Вагнер“, Бербок кажа дека стравува дека „Русија ќе ја продолжи својата цинична игра со или без „Вагнер“, и тоа не само во Украина, туку и во Африка“.

-Пригожин и „Вагнер“ се одговорни за ужасните дела против украинскиот народ, додаде шефицата на германската дипломатија.

Авионот со седум патници и тројца членови на екипажот се урна во близина на селото Куженкино, во областа Твер, на околу 300 километри северозападно од руската престолнина Москва, појасни ДПА.

Инцидентот останува обвиен со мистерија и ги поттикна шпекулациите за причината за наводната смрт на Пригожин, кој беше отворен критичар на високи функционери на руското Министерство за одбрана, забележа ДПА.

Прокремљовската телевизија „Царград“, повикувајќи се на свои извори, соопшти дека телото на Пригожин е веќе идентификувано, но ДНК анализата се уште не е готова.

Слични содржини