Бербок пристигна во Сирија: „Подадена рака, но и јасни очекувања од новите владетели“

од Vladimir Zorba
18 прегледи

Министерката за надворешни работи на Германија, Аналена Бербок, стигна во ненадејна посета на Сирија. Заедно со нејзиниот француски колега Жан-Ноел Баро, а во име на Европската унија, таа сака да разговара со претставниците на привремената влада формирана од бунтовниците. Двајцата политичари имаат намера, меѓу другото, да се сретнат со водачот на исламистичката милиција Хајат Тахрир ал-Шамс (ХТС) Ахмед ал Шара, пренесе ДВ.

На 8 декември ХТС стави крај на владеењето на долгогодишниот сириски владетел Башар ал Асад, а Бербок и Баро се првите министри за надворешни работи на ЕУ кои ја посетија Сирија по падот на Асад.

Уште пред нејзиното заминување, Бербок на новите владетели во Сирија им претстави услови за обновување на односите со Германија и со Европската унија. Нов почеток меѓу Европа и Сирија, меѓу Германија и Сирија е можен“, изјави политичарот на Зелените. Како што вели, во главниот град на Сирија доаѓа со француски колега во име на ЕУ – „со подадена рака, но и со јасни очекувања од новите владетели“.

„Може да има нов почеток само ако новото сириско општество им обезбеди на сите Сиријци, и жени и мажи, без разлика на етничката или верската група, место во политичкиот процес, ги обезбеди нивните права и им понуди заштита“, рече Бербок. А тие права, додаде таа, мора да бидат заштитени и не треба да бидат поткопани со „претерано долги рокови за избори или чекори кон исламизација на судскиот или образовниот систем“.

Бербок вели и дека сака да ја поддржи Сирија за време на мирниот трансфер на власта, но и кога е во прашање помирувањето на општеството и обновата – сето тоа покрај хуманитарната помош што му беше дадена на народот во Сирија во последните години. „Не треба да има место за екстремизам и радикални групи“, нагласи таа.

Де факто владетелот на земјата Ел Шара најави дека ќе свика конференција за национален дијалог на која ќе бидат вклучени сите слоеви на сириското општество. Според медиумите, тоа ќе се одржи веќе во средината на јануари. Сепак, како што додаде, би можеле да поминат околу три години додека да се претстави новиот нацрт на Уставот и уште една година да се одржат избори.

Слични содржини