„Без даб, нема бурбон“: Производителот на Jack Daniel’s во мисија да обнови 100 милиони хектари шуми

од Vladimir Zorba
35 прегледи

Дабовите шуми исчезнуваат ширум светот, а тоа е лоша вест за многумина, но и за една (не)очекувана индустрија – бурбонот. Без дабови дрвја, нема бурбон, па затоа производителот на Jack Daniel’s е во кампања за спас на дабовите шуми со цел до 2070 година да обнови 100 милиони хектари шуми од бел даб.

Дабот е клучен вид кој обезбедува живеалиште, храна и засолниште за безброј други видови, но тие имаат друга улога – без дабови дрвја, нема бурбон. Законски, бурбонот мора да се старее во нови обложени дабови буриња во САД. А еден вид, бел даб, создава силен, мазен вкус и богата боја на која се навикнати љубителите на овој пијалок.

За жал, дабовите дрвја исчезнуваат насекаде низ светот. Намалување на бројот на дабови дрвја е забележано во 39 земји, а на 31% од 430-те познати видови даб им се заканува истребување, пренесува порталот „Трелис“. Зрелите дабови дрвја умираат побрзо од очекуваното поради комбинација на фактори на стрес од околината. Во исто време, нема доволно млади дабови да ги заменат. Дури и кога има доволно млади дабови, тие често не успеваат да достигнат зрелост.

Овој феномен е документиран во научната литература со децении, но во голема мера беше игнориран од креаторите на политиките и пошироката јавност. Меѓутоа, бурбон индустријата е добро свесна за оваа потенцијална егзистенцијална закана.

Браун-Форман, матичната компанија на Jack Daniel’s, ги препозна долгорочните ризици поврзани со опаѓањето на дабовите дрвја уште во 1998 година. Компанијата го разви „Дендрифунд“, непрофитен фонд и се залага за федерални политики за подобрување на управувањето со дабовата шума.

„Никој не се грижи за регенерацијата додека не им кажете дека тоа ќе влијае на нивниот бурбон“, рече извршната директорка на „Дендрифунд“, Барбара Херт.

„Дендрифунд“ соработуваше со Американската фондација за шуми и Универзитетот во Кентаки за да ја започне иницијативата за бел даб.

По завршувањето на четиригодишната проценка и планирањето на зачувувањето кое вклучуваше повеќедржавна соработка со други индустрии, трговски здруженија, приватни сопственици на земјиште, научници и владини агенции, Иницијативата „Белиот даб“ излезе со збир на цели и план за нивно постигнување.

Колективната цел е до 2070 година да се обноват 100 милиони хектари шуми од бел даб. Засегнатите страни идентификуваа 10 препорачани практики за управување со шумите за да се постигне оваа цел. Тие вклучуваат намалување на конкуренцијата и сечење на видови кои не се дабови во густите млади шуми, воспоставување еколошки услови кои промовираат раст и регенерација на дабот преку контролирани пожари и други методи и управување со животни што јадат желади.

Браун-Форман не може да спроведе промени во управувањето со шумите бидејќи не е сопственик на земјиштето. Нивната најмоќна алатка е „користење на нивните брендови за да ги доведат луѓето на маса“, рече Херт.

Виталната улога на индустријата за бурбон во економијата на Кентаки ги доведе републиканците и демократите до заедничка кауза, Законот за отпорност на белиот даб поддржан од Браун-Форман.

Законот вклучува иницирање на пилот проекти за реставрација на дабовите дрвја во националните шуми, проценка на присуството на дабови дрвја и потенцијалот за реставрација на сите земјишта кои ги поседува Министерството за внатрешни работи.

Доколку биде усвоен, Законот за отпорност на белиот даб може драматично да ги зголеми напорите за справување со уништување на дабот.

Подобрувањето на дабовите шуми е скап, долгорочен процес кој трае неколку генерации и бара сложено градење на односи, велат експертите. И негативната јавна перцепција за техниките за управување со шумите, како што се контролирани пожари, селективно сечење или отсекување дрвја и лов може да предизвикаат ризици за репутацијата.

– Но, знаеме дека ќе се доближиме до доброто, или можеби дури и одличното, за идните генерации ако собереме што повеќе различни луѓе и перспективи за да ја замислиме таа иднина заедно – рече Херт.

Слични содржини