Денес Претставничкиот дом на парламентот на Федерацијата БиХ донесе закон за забрана за пушење на цигари во сите јавни затворени објекти, јавен превоз, но и во приватни автомобили, во кои се наоѓаат деца. „За“ гласале 63, тројца биле против, а двајца биле воздржани. Во образложението на ваквиот предлог се наведува потребата да се заштити здравјето на граѓаните и правото на една личност да живее и работи во средина без чад. Тие исто така повикуваат на усогласување на директивите со Европската унија.
По дебатата, парламентарците денеска гласаа за предлогот на Владата за новиот закон, со кој треба да се регулира употребата на цигари на јавен простор.
Предлог-законот сега оди во Домот на народите на парламентот на ФБиХ, каде што му треба доволно поддршка за да стапи на сила.
Пред дебатата парламентарците денеска рекоа дека е дојдено време оваа одлука да го види светлото на денот и да го заштити здравјето на граѓаните по 12 години од потпишувањето со Светската здравствена организација. Исто така беше посочено дека забраната за пушење во затворени јавни објекти ќе биде голем плус на патот на БиХ кон членството во ЕУ. Но, некои беа и против таквиот ригорозен закон.
Предлог-законот предвидува дека од денот на влегувањето во сила на законот, сите ќе имаат рок од 18 месеци да создадат услови за спроведување на законот, а казните нема да се применуваат во тој период.
Ова е најстрогиот закон досега, кој подразбира целосна забрана за пушење цигари и производи од тутун во сите затворени јавни простори, работни места и јавен превоз. Исто така, забрането е пушењето во приватни возила во кои се наоѓаат малолетници. Исклучок е тутунот за џвакање.
Овој нацрт закон се однесува на цигарите, тутун и други производи за пушење (наргиле, лулиња на вода…), вклучително и електронски цигари.
Како што е наведено во предлогот, сопствениците на угостителски објекти (ресторани, кафулиња и сл.) ќе бидат должни на видливи места да го истакнат знакот „забрането пушење“, а пепелниците не смеат да бидат изложени во објектот. Сопственикот на објектот ќе биде должен да предупреди, да го одбие или да побара од лицето да ги напушти просториите за оние кои не го почитуваат овој закон. Во спротивно, сопственикот на објектот ќе биде должен да повика полиција.
Законот предвидува и исклучоци од оваа забрана, така што пушењето цигари ќе биде дозволено за корисниците на услуги во службите за ментално здравје и одделенијата и другите институции кои обезбедуваат психосоцијална рехабилитација.
Пушењето ќе биде дозволено на аеродромите во посебна област, но одлуката ја донесува директорот на аеродромот.
Законот се занимава и со забраната за пуштање во промет производи од тутун кои содржат разни видови адитиви, кои создаваат впечаток дека тутунскиот производ е помалку опасен. Забрането е пласирање на производи од тутун на пазарот кои содржат ароми како што се филтри и слично.
Исто така, законот забранува секаков вид рекламирање на цигари и производи од тутун, прикажување на фотографии, логоа и слично.
Правното лице кое нема да го забрани пушењето ќе се казни со парична казна до 5.000 КМ, а физичко лице кое користи цигари и производи од тутун на јавно затворено место ќе се казни со 100 КМ.