Бизнис светот денеска

од Vladimir Zorba
63 прегледи

 

Брисел – Проблемот меѓу ЕУ и Кина тлее веќе со месеци. Од кинеската гледна точка се работи за тоа дека е прекршено ветувањето, а за европската, за заштитата на сопствената индустрија. Притоа и за едните и за другите би било подобро да се договорат. Семето на раздорот е посеано пред 15 години. Во тоа време Светската трговска организација сакала да ја награди кинеската политика за отварање и таа земја, наспроти нејзиното планско стопанство, да ја прими како членка. За да се заштити остатокот од светот од поплава од ефтини производи „Made in China”, еден пасус во Протоколот за зачленување предвидел преоден период од 15 години во кој Кина би се признала како пазарна економија и на тој начин би се олесниле анти-дампинг процесите против кинеската стока.

Мостар – БиХ потпиша меѓународни договори за вработување со Србија, Словенија, Германија (само за негувателки) и Катар, а во тек се преговори со Црна Гора, рече за Фена заменик директорот на Агенцијата за труд и вработување на БиХ Жељко Тепавчевиќ. Додаде дека е предложено склучување на такви договори и со Хрватска, Русија, Германија (за сите занимања) и други земји каде бх. државјаните традиционално одат да работат.

Берлин – Европската централна банка треба да почне постепено со гасење на експанзивната монетарна политика во 2017 година, бидејќи инфлацијата забрза во еврозоната, тврди Волфганг Шојбле. „Би било исправно кога ЕЦБ би се одлучила да излезе од ултра-експанзивната монетарна политика во оваа година” – рече министерот за финансии на Германија, во интервју за германскиот весник „Зидојче цајтунг”. Исто така, тој наведе дека ја дели загриженоста на штедачите, како и дека се очекува понатамошен раст на инфлацијата во 2017 година.

Љубљана – Групата Горење лани оствари приходи од продажбата во износ од 1,26 милијарди евра, што е 2,6 отсто повеќе од 2015 година, додека чистиот профит се проценува на 8 милиони евра, се први податоци за ланското работење кое во петокот го објави словенечкиот производител на апарати за домаќинство. Со добра структура на продажбата и добра контрола на трошоците Горење успеа да го подобри ЕБИДТА (профитот пред амортизацијата) и проценува дека тој ќе изнесува 87 милиони евра, што е 8,6 отсто повеќе од 2015 година, наведоа од Горење.

Њу Делхи – Индискиот авионски превозник Спајс Џет договори купување на 205 авиони Боинг во вредност од 22 милијарди долари. Тоа е еден од најголемите договори некогаш во индиското воздухопловство. Претседателот на Спајс Џет Аџај Синг изјави дека нискобуџетниот превозник кој има 13 процентен удел на индискиот пазар, го шири како домашното така и меѓународното работење.

Пекинг – Кинескиот извоз во 2016 година падна втора година по ред, поради намалените испораки од падот на глобалната побарувачка и стравот од можна трговска војна со САД. Кинескиот извоз во 2016 година падна за 7,7 отсто, а увозот за 5,5 отсто, што е втора година по ред експортот да се намалува и на најголем пад од глобалната финансиска криза од 2009 година. Само во декември, кинескиот извоз падна над очекувањата, за 6,1 отсто на годишно ниво, додека увозот благо ги надмина очекувањата, остварувајќи раст од 3,1 отсто.

Њујорк – Глобалните инвестиции во „зелената” енергија се намалени за 18 отсто, на 287,5 милијарди долари лани, поради големиот пад на цената на соодветната опрема. Падот се случи и поради помалата потрошувачка во Кина и Јапонија на таквите проекти. Инвестициите на Кина во обновливи извори на енергија, како што се ветерот и соларната енергија, изнесуваа 87,8 милијарди долари, што е за 26 отсто помалку во однос на историскиот максимум од 119 милијарди долари од 2015 година, според годишниот извештај на истражувачката организација „Bloomberg New Energy Finance” (BNEF)./МИА